| |

Банализација на ЕУ

Facebook статус на Никица Корубин

Кога “лидерот” на опозиционата партија ќе каже “огромното мнозинство на македонскиот народ” не сака во ЕУ, “по цена на идентитетот” и “по бугарски диктат”, на кое точно “мнозинство”, плус и “огромно” мисли? На 300.000 и кусур илјади граѓани кои ја дале довербата за партијата која ја предводи на последните парламентарни избори, инаку драстично помалку од претходните избори; сигурно верувајќи во реална и опиплива промена, а не брутална и бесмислена банализација, на “се’ што ќе допре”. Чуден некој Мида.

Дека голата пропаганда бара масовна и сериозна поддршка, која патем речено е достапна 24/7 од речиси сите форми, пред се’ на електронско информирање е јасно, но дека пропагандата е дозволено поведение за нарушување и суспендирање на уставниот поредок и безбедноста на државата, и не е баш толку јасно.

Оваа дневна доза на бесмисленост, лакрдија и чиста лага, слободно и тенденциозно (се)присутна во јавниот простор, инаку законски регулиран и противзаконски несанкциониран; овој “дозволен и преќутен” упад во правото на одлучување на највисоката законодавна власт; бара соучесништво и поддршка. Која, разбирливо, една опозициона партија, не може сама да ги пружи.

Поддршка за слободно дезавуирање на правниот поредок и соучесништво за нормализација на истото. До степен на прифаќање за наше секојдневие, со главен попатен ефект: целосна апатија и немоќ. Оваа свесно произведена рамнодушност, при изедначување на “доброто и лошото” има една и единствена цел: банализација на ЕУ, како единствен одржлив модел за опстанок на функционално организирано општество и правна држава Северна Македонија, наспроти опстанок на “држава и општество” како неодредена и недефинирана територија. Рецепт за пропаст и последен обид за спас.

И кога сме веќе кај “спасот” на сите оние на кои “ЕУ не им треба”, станува јасно дека “лидерот” од почетокот на текстот е само логичната појавност (опозицијата постои за да критикува), апсолутно немоќен без (невидливата) поддршка на сите негови истомисленици, кои ете случајно се на другата страна на спектарот, каде мора декларативно да се за ЕУ.

Поддршка која доаѓа во сите замисливи и незамисливи форми: толеранција на дневните дози на суспендирање на правниот поредок, весела дружба во инфантилни партиски преписки, лидерска факторизација по потреба, “свето” премолчување на суштинско теми (корупција, владеење на правото), сличност до идентичност за “идентитетските” прашања (читај висок степен на антиалбанство и по потреба антибугарство) и вљубеност до егзалтираност од северните автократски манири, на единствениот сосед чие име не смее да се изговори. Во негативен контекст, се разбира. Па, макар и ја посакал отворено, територијата чиј идентитет, “жестоко” се брани.

Кој тогаш всушност ја банализира ЕУ, како структура, систем и наша иднина? Кој тоа, со нејзини пари, ја посакува нејзината пропаст? Кој ламентира за нејзината блудност? Кој не’ враќа на почетокот на “најголемиот грев”, 1991 година, независна држава, која некој се надеваше дека ќе биде “времена” како територија и никогаш остварлива како држава?

Кој тоа го држи општеството заробено, институциите нефункционални, и идентитетот строго контролиран? Кого и што чува? И за кого? Кој тоа оваа држава не ја смета за своја, на начин на кој знае дека единствената нејзина одржливост е ЕУ, како механизам и систем, за кој декларативно сите се залагаат? Кој рециклира фикции и митови, срушени во брутални војни? И кој всушност посакува заробен дух, како што ефективно практикува заробено општество?

Кому каква улога паднало, така во претставата игра. Крајот на претставата е важен. Но, не како сиже кое има свој исход и завршеток, туку како дефинитивен крај. Крај на оваа опасна игра, која како на филмска лента, во се’ потесниот временски теснец што преостана, сака да ја предизвика и суспендира нашата 30 годишна независност.

И затоа се’ ви се чини банално. За да ви биде сеедно. Кога некој дефинитивно ќе констатира “од ова држава не бидува”. А, всушност единствено што “не бидува” е верувањето дека играта “со итрина може секој да се измами” ќе успее. А, да, и верувањето дека “јавноста” може вечно да се контролира. Зависи, како ја посматраш својата држава, како територија или како независен организиран систем. Територијата се владее, а системот се управува. Кому тогаш всушност, некој(и) во наше име, нудат да бидеме владеени од друг? Затоа што тоа е алтернативата на ЕУ, и нашата независност, зарем не?



Слични Објави