КОЈА Е СВЕТЛАНА ТИХАНОВСКАЈА- ЖЕНАТА КОЈА ЌЕ СЕ ИСПРАВИ ПРОТИВ АЛЕКСАНДАР ЛУКАШЕНКО НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО БЕЛОРУСИЈА

За 37-годишната Светлана Тихановскаја да се биде политичар е сосема нова улога. Таа самата не се опишува себеси како таква, не е нејзина желба и да го води незадоволство на граѓаните во Белорусија.

Всушност, таа дури вели дека само сака нејзиното семејството да се врати дома за да може да подготви јадење за нејзините најмили. Сепак, Тихановскаја во моментов е водечки кандидат за опозиција на претседателските избори што се одржуваат денеска.

Покрај тоа, некои набудувачи веруваат дека таа, обична наставничка и преведувачка по професија, е можеби најголемиот предизвик со кој се соочува сегашниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко.

Вистината е дека Тихановскаја се најде на оваа позиција сосема случајно. Вистинскиот активист и политичар во семејството е нејзиниот сопруг – 41-годишниот влогер Сергеј Тихановски, кој е жесток критичар на претседателот, па дури и водеше кампања против него за претседателските избори. Неговата кампања го имаше слоганот „Запрете ја бубашвабата“. На протестите и митинзите, неговите приврзаници мавтаа со влечки, симболичното оружје за истребување на овие инсекти.

Како и да е, оваа остра кампања беше запрена откако влогерот беше приведен. Тој беше уапсен пред почетокот на самата предизборна кампања. Тихановски е обвинет за организирање на недозволена демонстрација. При претресот на неговиот дом, властите соопштија дека пронашле 900.000 американски долари скриени во троседот во неговата дневна соба.

За време на неговиот притвор, тој бил подложен на насилство, нешто што се потврди и од неговото појавување преку видео-врска пред судот во случајот против него. Во видеото се виде дека Тихановски е видно ослабнат и по него има траги од насилство.

Така, кога Тихановски беше официјално дисквалификуван од претседателската трка, неговата тивка сопруга, која традиционално стоеше настрана од политичките акции на нејзиниот сопруг, реши да се кандидира – во името на интегритетот на нејзиното семејство, во името на идејата ниту едно друго семејство во иднина да не биде скршено како нејзиното.

Изненадувачки, таа успеа да ги собере потребните 100 000 потписи за да се регистрира во Централната изборна комисија, која уште повеќе изненадувачки ја прифати нејзината кандидатура. Откако нејзиниот сопруг беше ослободен, тој ја водеше кампањата неколку дена пред повторно да биде уапсен. Во моментов Тихановски е во притвор и е обвинет за насилство против полицијата. Неговите соборци велат дека тој бил испровоциран од страна на полицајците.

За прв пат, политички аутсајдер како сопругата на Тихановски влегува во изборниот процес на оваа авторитарна земја. Некои анализатори дури ја споредуваат нејзината кампања со учеството на тркач аматер во натпревар за олимпиското злато во маратонот.

Се разбира, Тихановскаја може да биде исклучена во секое време од политичкиот „натпревар“, но досега тоа не се случува. Сопругата на Тихановски ја доби поддршката на други двајца силни опозиционери – поранешниот банкар Виктор Бабарико и поранешниот дипломат Валери Цепкало, на кои исто така им беше забрането да се кандидираат за претседател.

На фотографијата што ја симболизира обединувањето на опозицијата, Тихановскаја се позираше со Марија Колесникова, шеф на кампањата на Бабарико и Вероника Цепкало, сопруга на поранешниот дипломат.

Овој симболичен чин го предизвика вниманието на светските медиуми. Кампањата на поранешната наставничка беше претставена како „женската револуција на Белорусија“. Во меѓувреме, десетици илјади во земјата присуствуваа на митинзите на Тихановскаја.

Во Белорусија е познато дека учесниците во демонстрации и активните опозиционери порано или подоцна се судруваат со белоруската служба за безбедност која ја преживеа транзицијата и се смета за наследничка на старата КГБ.

Изборната програма и платформата на Тијановскаја не се многу детални и јасно формулирани.

Од друга страна, таа успеа да постави неколку јасни цели: независност на Белорусија, ослободување на сите политички затвореници, вклучувајќи го и нејзиниот сопруг. Таа вети дека доколку победи, во рок од 6 месеци ќе бидат организирани нови избори на кои ќе можат да учествуваат кандидатите на опозицијата, а таа ќе може да се врати дома за да се грижи за своето семејство.

Белорусите се во голема мерка незадоволни од изборниот систем, лошата економска состојба, авторитарната влада и работата на Лукашенко со кризата со коронавирусот. Тихановскаја е новото лице што го бараат многумина.

Во меѓувреме, колку повеќе се навикнува на нејзината нова улога, толку повеќе расте и нејзината самодоверба. Тихановскаја не се плаши да каже дека ги нема сите одговори и признава дека не е експерт за надворешна политика или економија.

Вистината е дека малкумина навистина се надеваат дека Тихановскаја ќе го победи Лукашенко. Клиентилизмот и стравот вкоренети во мнозинството граѓани на Белорусија се фактор што тешко може да биде заобиколен.

Како и да е, самата кампања на оваа 37-годишна мајка и учителка е знак дека реалностите во земјата почнуваат да се менуваат.

Прашањето е до кој степен граѓанското општество во земјата ќе ја искористи оваа промена за да добие некаква слобода. Времето ќе покаже.