ПАЧЕМСКИ: ФОРМУЛА ЗА ЕВРОПСКИ И МОДЕРЕН ГРАД ШТИП

„Обилни дождови го зафатија Штип и околината и на некои локации имаше и мали поплави. Сепак најстрашна беше поплавата на социјалните мрежи, односно препукувањето помеѓу партиските послушници, ловејќи политички поени. Наместо истата таа енергија да се пренасочи во детектирање на локациите и нудење на решенија, за во иднина да не се случи поголема катастрофа, политичките партии во Штип одбраа да заглават во минатото со веќе видената метода кој бил виновен за настанатата ситуација. Уште малку ако продолжеа ништо чудно и Бог да го обвинеа што ни дал дожд кој очајно ни е потребен.

Карањето, омразата и меѓусебното препукување, на никој не му е донело добро освен на политичарите, но градот и граѓаните ја плаќаат цената од тоа. Сепак постојат два типа на луѓе, едните што наоѓаат проблем за секое решение а другите што наоѓаат решение за секој проблем. Ме интересира на кој од вас, не дај Боже да му протече покривот од домот би се пуштил во кавга? Или сепак би делувале за да спасите што може да се спаси и би го санирале проблемот за да не ви се случи во иднина. Со истата таа љубов спрема сопствениот дом треба да се сака и да се делува и за нашиот град како заеднички дом на сите. Доколку сакаме нашиот град да се трансформира во модерен европски град тоа нешто е можно но само со сложно, обединето, трудољубиво работење со љубов од сите а не со разединето безделничење, карање, омраза и политички популизам“, напиша Борче Пачемски, претседател на ГДУ-Штип.