ЗА ШТО СЕ ЗАЛАГА CONSERVATIVE.MK
„Македонските конзервативци за кој во периодот што следува се повеќе ќе се слуша, ќе ја темелат својата борба врз одредени начела кои со векови постојат во светот и посебно на стариот континент“, изјави Александар Богоевски, уредник на интернет списанието Conservative.mk.
Во својот пригоден говор главниот уредник на Conservative.mk стави акцент на фактот дека конзервативните идеи на македонско тло, за прв пат ќе имаат своја платформа и ќе бидат јасно изразени со цел да стигнат до поголем број на луѓе. Богоевски изјави дека едно од главните начела на конзерватизмот е борбата за слобода на поединецот без која не постои слободна држава. Во своето обраќање Богоевски постави неколку круцијални прашања поврзани со индивидуалната слобода на поединецот, преточена преку неговато активно делување преку јавноста. Богоевски истакна дека слободата на поединецот е одземена од нашите сопствени институции. Според главниот уредник на Conservative.mk тоа е и големата причина младите луѓе да чекаат да бидат вработени во јавниот сектор како нивен најголем дострел и начин за лесна егзистенција. Богоевски спомна и за лошите практики со однапред договорените вработувања и бизнисот кој чека од државата за да егзистира.
„Има многу причини поради кои треба да бидеме лути и бесни“, изјави уште Богоевски и го нагласи масовното иселување на младите луѓе и цели семејства од Македонија.
„Conservative.mk и ние како тим секогаш ќе се залагаме за слобода да се посакуваат силни вредности и начела. Да се брани доброто и да се гони злото. Секој еден човек слободно да заработува за себеси и за неговото семејство, без притисок од државата и од други индивидуи“, изјави Богоевски.
Главниот уредник на Conservative.mk, стави акцент и на конзервативните вредности , слободата на изразување, слободата да се сака своето и традиционалните вредности.
Александар Богоевски, уредник на интернет списанието Conservative.mk
Стјепан Покупец, член на уредничкиот тим Conservative.mk во своето обраќање ги објасни основните методи преку кои платформата ќе ги врши своите активности. Како што самиот тој кажа на почетокот Conservative.mk ќе користи преземени текстови од партнерските платформи и организации и мултимедијални пораки со цел побрзото и поквалитетно информирање на луѓето за конзерватизмот. Покупец истакна дека основната цел на тимот е во иднина да продуцира сопствени содржини и видеа со кој да стави свој придонес со ширењето на конзервативните идеи.

Во својот говор управителот на институтот „Христо Узунов“, Кристијан Мицковски, зборуваше за патриотизмот и конзерватизмот како две начела на една иста политичка мисла. Тој подвлече дека идеологијата што ќе биде претставена преку институтот „Христо Узунов“ како посебно тело во прватаТинк-Тенк организација во Македонија не може да биде купена за ниедни пари бидејќи нема цена. Во својот говор Мицковски подвлече дека патриотизмот во денешни услови се изразува во обезбедувањето на сигурна иднина за младите луѓе во Македонија и нивното останување во родната земја. Тој направи интересна споредба со намалувањето на бројот на запишани првачиња во нашата земја во мирно време и истиот показател во Сирија каде што во моментот се води крвава војна. Според него борбата за спречување на овој негативен тренд е во основата на успехот во напредокот во нашата земја. Првиот човек на институтот „Христо Узунов“ изјави уште дека умерениот национализам не треба да ги плаши луѓето, бидејќи во неговата основа е љубовта кон сопствената земја и почитувањето на другите народи без никаква доза на шовинизам.

Управителот на платформата Conservative.mk, Стефан Василевски, во своето обраќање ги објави двете задачи на конзерватизмот а имено тоа истиот да биде реакционерен т.е да ги покажува грешките на идеолошките ривали и да докаже дека проблемите на современиот свет можат да се решат со конзервативни мерки. Во својот говор Василевски го цитираше еден од најпознатите современи конзервативци, Даниел Ханан : Конзерватизмот е повеќе инстинкт наместо идеологија, тој е ироничен испитувачки настроен, ладнокрвен и недоверлив кон големите теории. Василевски го напомена и фактот дека младиот тим на Conservative.mk ќе работи за внесувањето на Македонија во светот на силно развиените капиталистички земји со свој сопствен интегритет и највеќе идентитет. Тој напомена дека начелото на Европа на нациите стои во основата на најбрзо растечката конзервативна коалиција ACRE, од кој е дел и самата платформа Conservative.mk.

