ЗА ВРЕМЕТО КОЕ ТЕЧЕ И ЗА ВРЕМЕТО КОЕ НЕ ПОМИНУВА
Што е „време“? Не гледајте веднаш на вашите часовници. Тие се од релативно скоро. Првиот механички часовник со 12 бројки е создаден во 14 век. Од тогаш луѓето го мерат времето од 00-24. Но идејата за време е многу постара, немаме археолошки докази колку е стара, но се претпоставува дека отприлика колку што е стар и човекот. Идејата за времето се менувала во различни историски раздобја, но постојат општи и заеднички црти на идејата за време кои се доволни таа да се концептуализира. Една од главните карактеристики на времето е неговиот континуитет, односно „течението“ (антички мислител Хераклит од Ефес творец на идејата за Panta rei).
Но, дали навистина времето тече, или постои и време кое застанува? Во поетична форма – тоа е траг во бесконечност или во митолошка форма – изгубено време. На сите ни е познат начинот на кој Ајнштајн ја објаснувал релативноста на времето, имено не е исто да седите една минута во друштво на убава жена и една минута на оган кој ве пржи. Ако седите една минута до оган кој ве пржи тогаш некако времето многу побавно ќе ви се движи отколку во првиот случај.
За просечните македонски граѓани годинава се случија две појави кои како да го забавија времето. Како одеднаш некој виш суд да пресече: „Чекајте, ве ставам на стоп тајмер“. Првата појава која предизвика забавување на времето е епидемијата предизвикана од коронавирусот, а втората појава е бугарското вето на преговарачката рамка од ЕУ за Македонија.
Епидемијата од коронавирусот ги натера луѓето да бидат повеќе дома, што поради мерките за затворање на се што може да се затвори и да се преиначи дејноста во работа од дома, што поради стравот дека надвор од нашите домови има загрозувачки мал микроорганизам кој може да не убие. Бивајќи подолго време дома, луѓето почнаа да ги доживуваат домовите поинаку. Ги уредуваа со цел да ги направат покомотни за дневниот долгочасовен престој, старите навики за јадење по ресторани за брза храна се претворија во готвена храна на лажица (slow food), теретаните беа заменети со долгочасовно проучување на концепти за здрава исхрана и фитнес вежби. Почнавме да имаме повеќе време за себе одземено од онаа време кое го посветувавме на другите додека мерките не не отуѓија од нашите ангажмани посветени на други луѓе. Времето некако поспоро се движи и станува неподносливо.
Спорото време за разлика од брзото време, создава однос на одбивност. Спорото време не е премногу време, а брзото време ни е премалку време. По едното тагуваме, а другото едвај чекаме да го испратиме за да бидеме конечно среќни.
Бугарското вето исто така фрли ново светло во разбирање на концептот „време“ за македонските граѓани. Се соочивме со блокада и со прашање „И сега што понатаму?“ Никој не знае која е алтернативата, дали да го бркаме последниот воз, дали да сме резигнирани и лути или да продолжиме да се бориме, или сепак да оставиме се на stand by и да чекаме да дојдат некои „поодбри времиња“ кои ќе ги креираме или поднесуваме (зависно дали имаме активна или пасивна природа) кога ќе бидеме доволно одморени. Бугарската кочница за ЕУ ни даде простор за одмор, ни даде време во кое не се случува ништо и ни даде граѓани – мечки кои си го грабнаа кебето и се спремија за долга зимска хибернација.
Времето може да биде многу непријатно ако не е континуитет. Кога има беспрекорно течење, жалиме за единственото нешто кое нема поправен, а тоа е времето. Кога нема континуитет остава бездна. Меѓучовечите односи исто така имаат импакт врз разбирање на времето.
Кога имате траен однос со партнер, родител или пријател, тогаш имате временски континуитет и чувство на присутност. Кога еден однос ќе заврши по одлука – на пример разделба, поготово ако разделбата е лоша и непријателска имате чувство како временскиот континуитет во однос со конкретниот човек е прекинат како Гордиевиот јазол. И секако тоа остава некоја празнина и имате чувство на отсутност. Исто се случува и со смртта, кога ќе изгубите некој блисок човек, имате чувство како таму, во тој временски фолдер, времето да застанало засекогаш.
Целата колумна можете да прочитате на следниот линк.
Автор: Магдалена Стојмановиќ