ЗАЕВ: КИНЕСКИТЕ ВАКЦИНИ ЌЕ СТИГНАТ ДО КРАЈОТ НА ФЕВРУАРИ
До крајот на следната седмица премиерот Зоран Заев очекува да стигнат договорените 200.000 дози од кинеските вакцини.
Тој уверува дека вакцинирањето, кое ќе почне в среда со вакцините што ни ги отстапи Србија, нема да прекинува оти додека се потрошат српските количини, премиерот Заев очекува да стигнат и кинеските вакцини.
„Кинеската вакцина е во постапка на договарање. Ветувањето е дека ќе стигне до крајот на февруари, но секој ден порано за нас е важен. Додека се имплементираат тие 4.680 вакцини од Србија, а верувам дека ќе се реализираат и преостанатите до 8.000 во согласност со трипартитниот договор меѓу нас, Република Србија и ’Фајзер’, ќе стигнат и кинеските вакцини за процесот континуирано да тече. Ги очекуваме од крајот на оваа до крајот на следната седмица, значи до крајот на месецот“, рече денес премиерот Заев.
Првата најава од Заев за кинеските вакцини беше дека тие ќе стигнат меѓу 10 и 15 февруари, а потоа почна да го пролонгира рокот за ниво пристигнување. Договорот за набавка на кинеските вакцини министерот за здравство, Венко Филипче, го потпиша минатиот понеделник. Тој не кажа колку пари е кинеската вакцина оти договорот го обврзувал на тајност.

