ВМРО-ДПМНЕ И КОАЛИЦИЈАТА ПОДНЕСОА ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ТУТУНОТ
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, денес, во Собранието, поднесоа предлог за измени и дополнување на Законот за тутунот по скратена постапка.
Со предлогот ВМРО-ДПМНЕ бара продолжување на рокот за откуп на тутунот до 31 март 2021 година, понатаму обезбедување сигурност за склучување договор за откуп и покрај тоа што е веќе поднесен приговор, како и допрецизирање на третманот на неферментираниот тутун.
Oпозицијата оцени дека голготата на македонските тутунари во последните неколку месеци ескалирала и е надвор од контрола.
„Во овој момент состојбата со откупот е срамна, цената на откупот е 160 денари, што е 60 денари пониска откупна цена од ланската. Нашите информации и искуства од терен покажуваат дека реалната цена е уште пониска и од тие 160 денари бидејќи се работи за вештачка и наштелувана цена. За апсурдот да биде уште поголем, дури и таквата вештачка и наштелувана откупна цена е прениска и срамна. Од друга страна, се увезува тутун без никаква контрола и стратегија, 5.000 илјади тони домашен тутун ќе остане неоткупен и ќе скапува во визбите, а македонските тутунари остануваат и ќе останат со празни раце, ниту тутун ниту пари“, изјави Петар Ристески, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, како што наведе тој, опозициските пратеници досега безбројпати апелирале до Владата да обезбеди достоинствена и според трудот заслужена државна помош како обесштетување од лошата земјоделска политика досега, а не милостина, која во никој случај нема да им ги реши егзистенционалните проблеми и тешкотии на тутунарите.
Според Ристески, единствената цел на овој закон е решавање на проблемите со кои се соочуваат тутунарите и конечно ставање крај на лагите, уцените, заканите и игрите кон македонскиот тутунопроизводител.
Извор: Макфакс