ЗАЕВ: МЛАДИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ИМААТ ПОТЕНЦИЈАЛ ДА ИМПЛЕМЕНТИРААТ ПОЗИТИВНИ ПРИМЕРИ НА СТАРТАП ИДЕИ

Вести Истакнато Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски присуствуваше на Стартап Самитот којшто се одржува во Софија, Република Бугарија, во организација на Европската Унија под покровителство на комесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел.

Премиерот Заев се обрати на првата панел дискусија на Самитот за важноста од поттикнување на дигитализација и создавање на услови за развој на иновативноста и стартап бизниси како важен сегмент за дигитална трансформација на Западен Балкан. На овој панел со премиерот Заев дебатираа и претседателите на владите на Црна Гора и Република Србија, Душко Марковиќ и Ана Брнабиќ, а свои воведни обраќања имаа и Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов и комесарката за дигитална економија и општество во Европската Комисија, Марија Габриел како домаќини на самитот.

„Земјите од Западен Балкан имаат потенцијал да го фатат моментот за прогрес, посебно младите генерации преку можностите што ги нудат нашите отворени општества преку дигиталното интернет поврзување да ги пренесат модерните напредни искуства од светот во нашиот регион. Сите овие аспекти на технолошки развој и иновации се опфатени и во образовниот процес бидејќи е важно младите генерации да го добијат потребното знаење и да бидат мотивирани. Нашите влади изнаоѓаат можности како уште поинтензивно да ги поддржат иновациите, технолошкиот развој, стартап бизнисите за да се поттикне и забрза иновативниот процес на размислување“, потенцираше премиерот Заев и рече дека Владата на Република Македонија интензивно работи на тој процес преку донесување на нови законски решенија.

Зборувајќи за развој на иновативниот процес и негова практична имплементација премиерот Заев нагласи дека иновацијата претставува храброст да се изнајдат нови идеи и решенија и во тој правец рече дека Владата на Република Македонија целосно ја поддржува и поттикнува иновативноста како основа во процесот на развој на еден одржлив систем на стартапи.

„Во 2018 година Владата на Република Македонија со над 13 милиони евра поддржа иновативни проекти на компании. Фондот за иновации и технолошки развој поддржа 100 иновативни компании да ги развијат своите креативни идеи и што е најважно да ги претстават на пазарот“, додаде премиерот Заев.

Премиерот Заев истакна дека Владата на Република Македонија поддржа отворање на три бизнис акцелератори за отворање нови стартап бизниси и посочи дека практичното искуство и позитивните примери на успешни старт ап компании се мотив за сите млади луѓе да размислуваат креативно, да подготвуваат проекти и да преземат иницијативи за сопствен бизнис со искрена желба да придонесуваат и да работат во приватниот сектор.

„Земјите од Западен Балкан имаат за задача да ги препознаат и имплементираат успешните позитивни искуства и идеи во светот. Поврзувањето и споделените искуства се голема мотивација и инспирација за луѓето од Западен Балкан. Во таа смисла се движиме во добра насока и одржувањето на овој Самит го потврдува тоа“, истакна премиерот Заев на крајот од своето обраќање и повика на креативна дискусија на StartUpEurope Summit за која оцени дека позитивно ќе ги изненади светот и Европа за тоа колку иновативни и креативни можат да бидат луѓето и младите од овој дел на Европа.

Во рамки на одржувањето на Startup Europe Summit 2018 министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, оствари средба со комесарката за дигитална економија и општество во Европската Комисија, Марија Габриел на којашто разговараа за Научно технолошкиот парк којшто до крајот на годината треба да се отвори во Скопје, како и за можноста Република Македонија да биде домаќин на првата регионална академија за сајбер безбедност за земјите од Западен Балкан.