ЗАЕВ НА ГРАЃАНСКА ТРИБИНА ВО ТЕТОВО: МАКЕДОНИЈА ЧЕКОРИ ПО ВИСТИНСКИОТ ПАТ, ИНТЕГРАЦИЈАТА ЗНАЧИ ЕКОНОМИЈА И ПОДОБАР ЖИВОТЕН СТАНДАРД
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев вчеравечер учестуваше на граѓанска трибина на ОО СДСМ Тетово.
Во своето обраќање пред присутните граѓани претседателот Заев потенцираше дека унапредувањето на состојбите во Македонија, отворањето на перспективите за членство во ЕУ и НАТО, градењето пријателство со соседите и другите земји се со цел да се подобри економијата и животниот стандард на граѓаните, се вели во соопштението на политичката партија СДСМ.
„Во последниве 11 месеци се надминаа поделбите внатре во општеството, но се унапреди и соработката и пријателството со соседите и со светот. Ако сте скарана држава со соседите, ако сте поделени како општество, не може да очекувате економски напредок, затоа е важно што земјата се врати на евроинтграцискиот пат. Членството во НАТО не значи само зголемена безбедност, туку тоа значи и нови инвестиции, нови работни места. НАТО значи повеќе пари, поголеми плати. Позитивната препорака за почеток за преговорите со ЕУ и членството во ЕУ не значат само зајакнати институции, владеење на правото, поголема слобода, туку и отворање на нови фондови и повеќе пари кај граѓаните. Се тоа значително ќе влијае на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Кога зборуваме за живот, мислиме на економскиот стандард на нашите граѓани“ порача Заев.
Претседателот Заев се осврна на досега сработеното од Владата предводена на СДСМ, но и на предвидените идни мерки коишто се во интерес на граѓаните.
„Уште во првите недели од мандатот донесовме мерки со кои ги намаливме трошоците на граѓаните. Ја укинавме радиодифузната такса и ја воведовме евтината тарифа на струјата, со што кај граѓаните останаа десетици милиони евра по основ на намалени трошоци. Законот за минимална плата ја отвори спиралата на раст на платитие. Околу 90.000 работници сега добиваат повисока плата, а просечната плата е зголемена и веќе е околу 24.000 денари. Дополнително, со новата мерка за државна помош на платите се отвора можност за зголемување на платите на уште 50.000 лица. Тоа ќе ја засили спиралата на раст на платите и верувам дека не до крајот на мандатот туку до крајот на 2019 година просечната плата ќе изнесува 500 евра“ рече претседателот Заев.
Зборувајќи за капителните инвестиции, претседателот Заев потенцираше дека Владата обезбеди значителни 270 милиони евра за изградба на патни правци во должина од 800 километри.
„Преку домаќинско работење обезбедени се околу 120 милиони евра кои ќе се искористат за инфраструктурни и комунални проекти како водоводи, канализации и пречистителни станици. Со продолжување на домаќинскиот пристап во работата верувам дека ќе се заштедат пари за значително зголемување на социјалната помош, а од почетокот на наредната година целосно да биде воведено и бесплатното болничко лекување“ додаде претседателот Заев.
Во дебатата за повеќе актуелни праша од граѓаните претседателот Заев ја посочи важноста од неселективно владеење на правото и правда достапна за сите.
„Нема живот во Македонија ако нема правда и казни. Ако нема казни како ќе знам дека луѓето што сега се во извршната власт нема да го прават истото она што го правеа претходните. Секој кој се огрешил пред законите и за кого ќе има докази во транспарентна и отворена судска постапка мора да сноси одговорност и законот да биде еднаков за сите. Правда мора да има“ порача Заев.
Говорејќи пред присутните претседателот Заев ги издвои концептот на едно општество за сите и унапредувањето пријателството со соседите и светот како клучни столбови во напредокот на Македонија.
Претседателот Заев посочи дека Македонија чекори по вистинскиот пат и го искажа своето уверување, со посветена работа, заеднички со граѓаните, Македонија ќе биде достоинствено место за живот на сегашните и идните генерации, се вели во соопштението на политичката партија СДСМ.