ЗАЕВ НА УЧЕСНИЦИТЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ПАНДЕВ КУП 2018 ИМ ПОСАКА ГОЛЕМ УСПЕХ И ФЕР ИГРА

//

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев синоќа го прогласи за отворено скопското издание на Меѓународниот младински фудбалски турнир Пандев Куп 2018, на кој учествуваат 32 екипи, кои заедно со учесниците на претходните два турнира во Струмица, ја прават бројката од 104 младински фудбалски екипи со вкупно 2000 учесници од Хрватска, Србија, Бугарија, Романија и Македонија.

На Плоштадот Делфина (Порта Влае) во Скопје, пред голем број присутни љубители на спортот, премиерот Заев им посака добредојде и успешни игри на учесниците на овој младински куп.

„Не случајно е кажано дека фудбалот е најважната и најубавата споредна работа на светот. Омилена спортска игра број еден на милиони љубители на овој спорт, чии срца секојдневно чукаат со врвната игра и успеси на нивните големи фудбалски ѕвезди.
Уверен сум дека и на овој турнир и вашите срца, како и срцата на нашите љубители на спортот, на нашите спортски работници, педагози и тренери ќе чукаат во ритамот на фудбалот.
Знам дека сите вие најмногу ќе се радувате и секогаш ќе го поздравувате она за што се игра фудбалот – постигнувањето гол.
Затоа ви посакувам да се радувате на вашата игра, а уште повеќе на играта на другите и да учите едни од други“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на отворањето на овие спортски игри.

Премиерот Заев ја нагласи улогата на фудбалската академија Пандев во организацијата на турнирот, како и поддршката на Агенцијата за млади и спорт и сите останати што го помогнаа реализирањето на овој меѓународен младински куп.



„Вакви настани треба да се организираат почесто на Балканот. Заеднички да ги мотивираме младите да спортуваат, да се дружат и забавуваат и да ги остварат своите соништа.Знам дека некои од учесниците на овој турнир наскоро ќе ги видиме како големи фудбалски имиња на познатите фудбалски терени.Спортот има важна улога и во поттикнување на социјалната интерактивност, проактивноста, и во градење толерантни и отворени заедници“, рече премиерот Заев на отворањето на овој спортски настан, и додаде дека со новиот закон за спорт се создаваат услови за квалитетно насочување на младите кон спортот, а на учесниците на Меѓународниот Пандев Куп 2018 им посака голем успех, фер игра и спортски дух кои ќе ги однесат кон големите достигнувања и спортските височини.

Претходна статија

СДСМ: ГРАЃАНИТЕ СЕ ОПРЕДЕЛЕНИ, НА 30 СЕПТЕМВРИ НА РЕФЕРЕНДУМ ЌЕ КАЖАТ ДА ЗА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА, ЌЕ КАЖАТ ДА ЗА МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА

Следна статија

ВМРО-ДПМНЕ: КРИМИНАЛНИОТ КАРТЕЛ ПРЕДВОДЕН ОД ЗОРАН ЗАЕВ БРУТАЛНО ЈА ГАЗИ ДЕМОКРАТИЈАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Најново од Вести