Бугарија се приклучува кон иницијатива на НАТО за заштита од нисколетечки воздушни закани
Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов денеска потпиша нота за приклучување на Бугарија кон иницијативата на НАТО за развој на способности за спротивставување на нисколетечки воздушни закани, соопшти Министерството за одбрана, пренесува БГНЕС.
Со документот Бугарија се приклучува кон Меморандумот за соработка меѓу министерствата за одбрана на Белгија, Данска, Финска, Грција, Романија, Шведска и Турција.
Главната цел на иницијативата е подобрување на заштитата од воздушни закани што дејствуваат на височина под 150 метри, меѓу кои крстосувачки ракети, беспилотни летала и планирачки бомби.
Проектот предвидува развој на способности за откривање, идентификација, следење и неутрализирање на ваквите закани преку современи платформи, сензори, ефектори и други технолошки решенија.
Соработката ќе се одвива во две главни насоки – заеднички набавки и заеднички развој на одбранбени способности. Земјите учеснички ќе разменуваат информации, експертиза и технолошки решенија.
Во рамките на иницијативата, Агенцијата на НАТО за поддршка и набавки (NSPA) ќе спроведе истражување на пазарот и ќе изготви каталог на постојни и идни технологии што одговараат на заедничките барања на земјите учеснички. Тоа треба да помогне при проценката на можностите и при носењето одлуки за идни набавки и заеднички развојни проекти.
Бугарската одбранбена индустрија, исто така, ќе може да ги претстави своите производи, технолошки решенија и експертски капацитети и да бара учество во заеднички проекти со сојузничките држави.
Нотата за приклучување треба да биде доставена до Народното собрание на Бугарија за ратификација.
