Заев по средбата со Јункер: За нас е прифатливо име со географска одредница
„За Владата е прифатливо име со географска одредница, кое ќе направи јасна дистинкција помеѓу нашата држава и регионот во Грција“, рече премиерот Зоран Заев, по средбата со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер во Скопје. Тој на заедничката прес-конференција со Јункер додаде дека Владата инсистира на решение „кое ќе овозможи трајно и одржливо затворање на спорот, но со почитување на достоинството и идентитетот на двата народи и двете држави“. „Наша должност е да преземеме одговорност за оваа историска можност, да го решиме ова долгоотворено и мачно прашање помеѓу двете земји“, рече Заев.
Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, кој престојува во неколкучасовна посета на земјава во рамките на балканската турнеја, порача дека треба историјата и географијата да се помират. Јункер кажа дека разговарал и со грчкиот премиер Алексис Ципрас и го поддржал спорот да го решава на постојниот начин.

