|

Заев: Северна Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа

Северна Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати (MW). Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен, за македонската економија. Соларниот парк „Стипион“ ќе се гради во текот на 2022 година на локацијата која беше предвидена за изградба на карго аеродромот во Штип на површина од 452 хектари“, рече премиерот Зоран Заев на денешната промоција на инвестицијата во присуство на амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, како и претставници на менаџментот на француската компанија „Акио Енерџи“.

„Инвестицијата е директна придобивка од реформите во енергетскиот сектор спроведени токму од оваа Влада. Вложувањето во енергетиката над 30 години беше занемарено, а инвестициите сведени на минимум“, рече Заев и додаде дека во моментот во фаза на градба се фотонапонски електрани преку принципот на поддршка со премиум тарифи со инсталиран капацитет од 60 мегавати, дел од нив се пуштени во употреба.

Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција истакна дека оваа инвестицијата е најголемата француска инвестиција во земјата во последните петнаесетина години.

„Овој соларен парк ќе биде најголемиот кој досега е изграден во овој регион од Западниот Балкан. Оваа инвестиција исто така има големо стратешко значење, бидејќи ќе придонесе да се зајакне енергетската независност на Северна Македонија, истовремено помагајќи ѝ на земјата да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.

„Непосредната соработка меѓу нашите две земји малку загуби на интензитет во последните години, а нашите односи веќе не беа на висина на којашто требаше да бидат. Сега работите се менуваат. Благодарение на личната посветеност, на највисоко државно и владино ниво, во секоја од нашите две земји, билатералните политички односи добија на интензитет, на доверба и на суштина. Претседателот на Владата во јуни минатата година беше во посета на Париз, на историска средба со Претседателот на Република Франција. Ги поканувам сите уште еднаш да ги слушнат изјавите за јавноста дадени во таа пригода од страна на нашите двајца лидери. Претседателот на Франција тогаш кажа и постојано повторува дека Франција посакува пристапните преговори да започнат без одлагање, затоа што Северна Македонија, Господине Претседател на Владата, постигна извонреден напредок и го заслужува тоа. Франција прави напори, на највисоко ниво, за да се постигне тој резултат и тоа сега може сите да го видат. Оваа заложба е доказ и за стратешката визија која ја споделуваат нашите две влади, во полза на стабилноста на регионот на Западен Балкан“, рече Бомгартнер во своето обраќање.

Ерик Ското, претседател на компанијата „Акио Енерџи“ од Франција истакна дека проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра во пределот на општините Штип и Свети Николе.



Слични Објави