ЗАЕВ: ШИЛЕГОВ МИ Е ФАВОРИТ ЗА СКОПЈЕ, АМА НЕ СУМ ГО ПРАШАЛ ЗА НОВ МАНДАТ
За Шилегов имам пофални зборови, за мене е фаворит, иако се уште не сум го прашал дали ќе се кандидира на претстојните локални избори, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање дали тој и СДСМ ќе поддржат кандидатура на актуелниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, за уште еден мандат.
„Присуствував на неколку проекти, бидејќи сметам дека треба да се промовираат истите и тоа не само таму кадешто Владата финансира, туку и таму каде градоначалниците сами делуваат. За Шилегов имам пофални зборови, за мене е фаворит, иако се уште не сум го прашал дали ќе се кандидира на претстојните локални избори“, рече Заев денеска, по презентацијата на проектот за „Универзална сала“ во Скопје.
Како што минатата недела соопшти претседателот на Собранието, Талат Џафери, локалните избори во Македонија треба да се одржат на 3-ти, 10-ти или 17-ти октомври. Според процедурата, 20 дена претходно тој треба да ги распише изборите, а тоа е во јули, а најдоцна на 1 август, во зависност од датумот што ќе го договорат политичките партии.
