ЗАЕВ,ТЕВДОВСКИ И ДУРАКИ: ПРОЕКТОТ ФИНАНСИРАН ОД ЕУ ИПА ФОНДОВИ ЌЕ ГО ПОДОБРИ КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТ ВО РАДОВИШКО

Денес во Радовиш, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки и Јани Макрадули, присуствуваа на пуштањето во употреба на новата пречистителна станица за третман на отпадни води.

Во присуство на шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, амбасадорот Семуел Жбогар, директорот на WTE/ЕВН груп, Вернер Казагранде, градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов и други гости, владините претставници ги истакнаа клучните придобивки од овој проект којшто ќе опслужува 25.000 граѓани од овој крај.

„За само неколку месеци успеавме да комплетираме и пуштиме во употреба 4 пречистителни станици во градовите Струмица, Кичево, Прилеп, Радовиш, проекти финансирани од ИПА фондовите и дел од буџетски средства. Ме радува посветеноста и темпото на брза реализација со кои локалните самоуправи и државните институции пристапуваат во реализација на проектите финансирани со ИПА средствата. Сакам и во иднина да охрабрам уште поинтензивно работење во реализација на ИПА проектите. Тоа покажува дека Република Македонија решително и забрзано чекори на европскиот пат. Што би рекол амбасадорот Жбогар – возот на Македонија веќе се движи кон ЕУ!“ истакна премиерот Заев на почетокот на своето обраќање.

Како што објасни премиерот Заев, „Наводнувањето на земјоделските површини ќе се врши со чиста и здрава вода, што е предуслов за производство на здрава храна. Во Радовишката река нема повеќе да се одлеваат отпадни води, туку пречистена вода од станицата. Проектот опфаќа и изградба на нов колекторскиот систем како и обнова на канализационата мрежа. Ова е мал но многу значаен чекор кон достигнување на европските стандарди за здрава и чиста животна средина и квалитетен живот.“

Заблагодарувајќи се на локалната самоуправа и градоначалникот Конзулов за посветениот ангажман, на WTE/EVN груп за успешната реализација на проектот и на граѓаните – даночни обврзници во Европа, чиј придонес е огромен во помошта што ни ја пружаат преку европските фондови, премиерот Заев заклучи дека „ Република Македонија ќе продолжи да учи и применува искуства од европските земји во управување со ваков тип на врвни технологии. Интеграцијата на Македонија кон ЕУ значи дека Македонија ја носиме во Европа, но ваквите иницијативи се јасен пример со којшто Европа ја носиме тука, дома, кај нас во Македонија, низ убавите градови на нашата земја.“

Министерот за финансии, Драган Тевдовски во своето обраќање истакна дека „ настојуваме што е можно повеќе да ја зголемиме искористеноста на претпристапните фондови во вид на грант средства од Европската унија. Заклучно 2017 година имаме висок степен на реализација на ИПА кој се искачи на високи 83%. Минатата година, имавме историска највисока реализација на ИПА средствата, скоро двојно повисока во однос на претходните години. Годинава ги финализиравме најкрупните проекти финансирани преку ИПА, како Демир Капија-Смоквица и пречистителните станици.“

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки истакна дека „ Овој финализиран проект претставува продолжение на многу проекти спроведени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, со цел да се подобрат еколошките стандарди и условите за поздрав живот за граѓаните на оваа општина. Актот на завршувањето на овој проект претставува особена важност во исполнување на законските обврски, како и реализирањето на поставените цели за подобрување на квалитетот на водите на Радовишката Река. Со тоа директно се влијае во подобрувањето на квалитетот на еколошките, санитарните и сите други општествени услови во регионот.“

Овој проект, финансиран од ИПА фондови и дел од буџетски средства од државата, со вкупна вредност од околу 5 ипол милиони евра, вклучува нова пречистителна станица за третман на отпадни води, ревитализирана и проширена примарна канализациона мрежа, како и колектори и нов пристапен пат во општината Радовиш, со што се решава проблемот со отпадните води, а се намалува и надземното и подземното загадување.