Захариева и Ковачев со реакции по пријавата на МВР за посетата на младите уметници од Битола во Бугарија
Откако вчера министерот за внатрешни работи на РС Македонија Оливер Спасовски соопшти дека неговото министерство отворило предмет по допрен глас за раководството на „Мал битолски Монмартр“, кое во неколку наврати изминатиот период носеше деца во посета во Бугарија и на средба со бугарски политичари, меѓу кои и претседателот Румен Радев, не задоцнија и реакциите од страна на бугарски политичари.
Поранешнета министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на социјалната мрежа Facebook објави статус во кој го осудува потегот на МВР на Северна Македонија, посочувајќи дека владата овде достигнала ново дно. Таа додава дека РСМ со таквите потези наместо кон ЕУ, прави очајни чекори да стане дел од фамозниот клуб на земјите со тоталитарни режими.
„Всушност, можам да се сетам за наставник, кој полицијата го гони за такво дело само во Русија, Белорусија и Северна Кореја.
А сите мислевме дека ја затворивме оваа темна страница на историјата на Балканот. Патетично, тажно, грдо и апсурдно“, пишува Захариева.
Реакција стигна и од европратеникот од редовите на ЕНП Андреј Ковачев.
„Безумна одлука на Скопје. Анонимна дојава ги поттикна полицијата и обвинителството да истражуваат организација посветена на уметноста како средство за пријателство и добрососедство!“, напиша на социјалната мрежа Facebook европратеникот Ковачев.
