ЗАХАРИЕВА: НЕМАМЕ СОГЛАСНОСТ ПО СИТЕ ПРАШАЊА СО СКОПЈЕ ЗА ДА КАЖЕМЕ „ДА“
„Бугарија целосно ги поддржува земјите од Западен Балкан и нивниот пат кон ЕУ, но поддршката кон Северна Македонија никогаш не била безусловна, потенцираше и утрово бугарската министерска за надворешни работи Екатерина Захариева за утринската програма на БТВ.
-Нема како во оваа фаза да му кажеме „да“ на Скопје. Во овој момент Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката за преговори со Северна Македонија. Има договор за пријателство и добрососедство, кој е потпишан уште во 2017 година, но тој не се почитува, објасни шефицата на бугарската дипломатија и додава:
-Со Република Северна Македонија имаме општа историја. Скопје го потпиша договорот, но се обидуваат да избегаат од тоа. Со држави како Грција и Турција имаме споделена, но не општа историја, за разлика од Македонија“, рече Захариева.
Вината, таа ја префрла целосно врз државава и потенцира дека со добра волја може да се спроведе договорот потпишан од двете страни:
-За жал, од другата страна на границата слушнавме многу изјави. Преговарачките страни треба да работат, сѐ уште не сме постигнале согласност по сите прашања, за да кажеме „да“, нагласи Захариева.
Таа повтори дека и покрај шпекулациите во Македонија, Бугарија нема претензии за тоа како да се определуваат граѓаните на оваа република, но и Македонците не треба да имаат претензии за бугарската историја.
Министерката Захариева во моментов е во самоизолација, поради контакти со заменикот министер Петко Дојков кој е позитивен на ковид-19.

