Закана од сериозен конфликт меѓу Грција и Турција
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас испрати писма до шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупредувајќи на закана од сериозен конфликт со Турција. Во писмата испратени на 5 септември, Дендиас го привлекува вниманието на „најновата серија потпалувачки изјави“ на турскиот претседател Реџеп Ердоган.
Шефот на дипломатијата ги наведе изјавите дека Грција ги окупирала островите во Егејското Море, а турскиот лидер се закани дека Грција ќе плати висока цена „Овие јавни изјави на претседателот на Турција зборуваат сами за себе, тие се непровоцирани, неприфатливи и навредливи за Грција и грчкиот народ. .
Нивната отворено заканувачка природа и тон се толку очигледни што го отфрлаат секој сомнеж за нивната цел, како и секое тврдење дека тие се наменети исклучиво за домашни цели во врска со претстојните избори во земјата“, напиша Дендиас.
Според него, „екстремно агресивната реторика“ на самиот турски претседател ја следеле и други високи турски функционери. „Оваа реторика е придружена со нагло зголемување на случаите на нарушување на суверенитетот на мојата земја во Егејското Море и југоисточниот Медитеран“, рече Дендиас.
Тој смета дека ваквите изјави дополнително ја поларизираат ситуацијата и влеваат во турскиот народ омраза, непријателство и презир кон грчките соседи, со што изгледите за зближување стануваат уште поилузорни.
„Турското раководство јасно претпочита да ја претстави идната агресија како веќе подготвена и што е уште поважно, како оправдана акција на Турција“, рече шефот на грчката дипломатија. Според него, однесувањето на Турција кон Грција треба да биде осудено од целата меѓународна заедница.
Слично писмо до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш испрати и постојаниот претставник на Грција во ОН со барање писмото да биде циркулирано како официјален документ на Генералното собрание на ОН.
Извор: 4news.mk