Здружението на потомците на бегалците и доселениците од територијата на РС Македонија и пријатели со јавно обраќање до словенскиот европратеник Матеј Тонин
Бугарската невладина организациja „Здружение на потомците на бегалците и доселениците од територијата на РС Македонија и пријатели“ упати јавно обраќање до словенскиот европратеник и известувач во сенка за РС Македонија Матеј Тонин. Во своето обраќање, кое е испратено и до групата на европратениците од Словенија, невладината организација од Бугарија ја прикажува „реалната состојба на Бугарите во Северна Македонија и потребата од активна европска позиција“ во случајот.
Ви го пренесуваме текстот на обраќањето до европратеникот Тонин во целост и без уредничка интервенција
Софија, 23 јуни 2025 година
ДО Г-Н МАТЕЈ ТОНИН
ИЗВЕСТУВАЧ ВО СЕНКА ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ
КОПИЈА ДО ГРУПАТА НА ЕВРОПРАТЕНИЦИ ОД СЛОВЕНИЈА
ОБРАЌАЊЕ ВО ВРСКА СО РЕАЛНАТА СОСТОЈБА НА БУГАРИТЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ПОТРЕБАТА ОД АКТИВНА ЕВРОПСКА ПОЗИЦИЈА
ПОЧИТУВАН Г-ДИН ТОНИН,
Од публикации во медиумите во Северна Македонија дознавме дека сте изразиле став по повод претстојната расправа во Европскиот парламент за извештајот за напредокот на Северна Македонија, дека „нема причина Бугарите да бидат загрижени“, како и дека извештајот бил „многу избалансиран, дури на некои места пробугарски, бидејќи ги вклучува сите бугарски ставови“. Дополнително, сте изјавиле: „Во врска со македонскиот јазик и идентитет, не знаев дека тоа е толку голем проблем во Бугарија. Слушнав од некои бугарски колеги дека македонскиот јазик бил само дијалект на бугарскиот, но морам да кажам дека тоа не е работа за европратениците или Европскиот парламент. Тоа е задача за лингвистите или историчарите. Ние ја оценуваме сегашната состојба во Северна Македонија и зборуваме за сегашниот македонски јазик и идентитет.“
Како организација која ги претставува интересите на повеќе од 400 илјади потомци на бегалци и доселеници од територијата на денешна Северна Македонија, би сакале да Ви укажеме на следниве факти:
1. Никој во Бугарија никогаш не го негирал современиот македонски идентитет и јазик. Сепак, ние се бориме да бидат загарантирани човековите права на оние граѓани на Северна Македонија кои, и покрај секојдневните репресии и говорот на омраза, го задржале својот бугарски идентитет, вклучуваjки го и правото својот мајчин јазик да го нарекуваат бугарски, како што тоа го правеле сите преродбеници и револуционери од географската област Македонија.
2. Тврдењето дека Бугарија и Северна Македонија имаат билатерални спорови е пропаганден наратив на владејачките структури во Скопје и Белград. Во крајот на 1944 година на територијата на денешна Северна Македонија започна крвав внатрешен конфликт, кој продолжува до денес. Бугарија не само што молчеше со децении, туку и поради доминацијата на комунистичката идеологија и притисоците на Москва го поддржуваше репресивниот режим во Скопје. Едваj по воспоставувањето на демократија во Бугарија, бугарската држава се осмели да ги поддржи Бугарите во Северна Македонија кои се борат за своите основни човекови права.
3. Како Словенец, би требало да знаете дека демократската словенечка емиграција уште пред бугарската држава изразувала поддршка за Бугарите на територијата на денешна Северна Македонија.
4. Македонските Бугари повеќепати ја изразиле својата поддршка за борбата на Словенија за независност од поранешна Југославија.
ПРИМЕРИ ЗА ПОДДРШКА И СОРАБОТКА МЕЃУ СЛОВЕНЦИТЕ И БУГАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ПО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА
Новата соработка меѓу Словенците и македонските Бугари во борбата против нивната заедничка судбина под србокомунистичкиот режим започнува во 1950 година. Тогаш, на 29-от конгрес на Македонската патриотска организација (МПО), одржан во Гери, Индијана, присуствува словенечкиот новинар Мирко Геретич – уредник на емигрантскиот весник „Словенска држава“. Тој апелира за „заеднички и здружени напори… за уривање на денешната Титославија“. На овој конгрес е усвоена посебна декларација која се однесува и на иднината на Словенија, во која се испраќаат „најсрдечни и братски искрени поздрави до… словенечките борци за слобода и независност. Манифестираното единство на претставниците на… Словенците, толку свечено прокламирано пред делегатите и гостите на Конгресот на МПО, претставува прекрасен почеток со историско значење за заедничката борба што сите ја водиме против нашиот заеднички непријател – Тито и неговиот деспотски комунистички режим.“
Првата масовна проjава во таа заедничка борба меѓу Словенците и македонските Бугари се одржува на 5 ноември 1950 година во Чикаго, каде што се организира протестен собир на Словенци и македонски Бугари, на кој се приклучуваат и Хрвати. Говорник од страна на македонските Бугари е Методи Чанев, кој изјавува: „Во Југославија беше наметнат режим предводен од диктаторот Тито, кој нема ни најмала трага од вистинска демократија… Посебно во Македонија, Титовата власт не се разликува многу од режимот на српските кралски династии. Иако Македонија е прогласена за една од шесте федерални републики на Југославија, наредбите за нејзините уредби доаѓаат од Белград. Уште повеќе – Титовата власт нареди во училиштата да се учи нов јазик, наречен „македонски“. Тој јазик… е мешавина со многу српски зборови, кои се туѓи за локалното население. Преку него, по други патишта, се стреми да се србизираат македонските Бугари… Ние не ја признаваме денешна Југославија.“
На овој собир беше усвоен манифест до меѓународната јавност. Во него, во делот за Македонија, се вели дека целта на политиката спроведувана од Белград е „да се србизира македонското население, кое со векови, според признанијата на сите видни филолози, зборувало само на бугарски. Комунистичките властодршци ја отфрлија илјадагодишната култура и просвета на македонските Бугари.“
Во истиот документ, во делот за Словенија, се вели: „Народот, воопшто, на најгруб начин е уништуван, а границите кон Италија, Австрија и Унгарија се херметички затворени, така што никој не може да избега. Словенците беа жестоко прогонувани од нацистичките германски окупатори за време на последната војна. Многу Словенци беа измамени од комунистите со ветувања за време на тешката окупација, но денес тие се уште повеќе разочарани отколку што беа за време на германската, италијанската и унгарската окупација. Единствениот излез од оваа ужасна состојба е создавање на независна Словенија, која ќе го опфати целиот словенечки народ во нејзините граници.“
Од манифестот произлегува следната јасна политичка програма: „Народите во Југославија никогаш не ја имале можноста слободно и демократски да се изјаснат дали сакаат да бидат управувани од Белград и дали, воопшто, ја прифаќаат ваквата државна структура на Балканот. Затоа, ние ја отфрламе Југославија како државно-политичка концепција… Ние се залагаме за слободна и независна Хрватска, Македонија и Словенија, кои ќе се формираат како свои, целосно слободни и демократски државни единици, управувани од самото локално население.“

.

Општ манифест на македонските Бугари, Словенци и Хрвати за заедничка борба против српско-комунистичкиот режим во Југославија. 5 ноември 1950 година.
Извор: Македонска трибуна. Индианаполис, 16 ноември 1950.
Во следниот период се бележат различни форми на соработка меѓу Словенците и македонските Бугари. Во 1953 година, Словенечкиот национален сојуз во САД упатува поздрав до 32-рот Конгрес на МПО. Во 1955 година, МПО усвојува резолуција во која се вели: „Денешната тиранија на србокомунистите не може да биде трајна. Бугарите од Македонија нема по ниедна цена да се покорат на новото ропство. Заедно со Словенците… тие ќе работат за да дојде денот кога Словенија ќе биде навистина слободна и независна држава, како и Македонија ќе биде навистина слободна и независна држава.“

Поздрави од македонските Бугари до борбениот словенечки народ.
Извор: Македонска трибуна. Индианаполис, 29 септември 1955.
Во 1963 година, македонските Бугари изјавуваат дека Белград ја ограбува Словенија. Во 1966, 1967, 1968 и 1969 година, тие повеќепати ја искажуваат својата поддршка за слободата и независноста на Словенија. Од своја страна, Словенците исто така покажуваат солидарност со борбата на македонските Бугари. На 1 октомври 1965 година, весникот „Словенска држава“, кој излегува во Торонто, објавува дека решението на македонското прашање може да се постигне преку „создавање на една слободна и независна Македонија, каде што сите народности – Бугари, Власи, Грци, Албанци, Евреи, Турци и други – ќе уживаат апсолутна еднаквост во правата.“
Од овие документи јасно се гледа длабокиот внатрешен конфликт на територијата на денешна Северна Македонија, во кој Бугарија во тој период нема апсолутно никаква улога. Се гледа и словенечката поддршка за македонските Бугари.
Во 1991 година, денешна Северна Македонија под притисок на околностите формално се одвои од Југославија, но српското влијание во земјата не само што се задржа, туку во нашево време дури се засили до степен што властите во Скопје само формално изразуваат желба за членство во Европската Унија, додека во практика спроведуваат надворешнополитичката програма на Белград – „Српски свет“, која е минијатурна верзија на руската стратегија за „Руски свет“ на Владимир Путин. Југословенските тајни служби УДБА и КОС, кои оперираа на територијата на Северна Македонија, не беа реформирани и го задржаа својот основен белег – антибугаризмот.
Вие изјавувате дека нема причина Бугарите во Северна Македонија да бидат загрижени, но бидејќи тоа не одговара на реалноста, дозволете ни да Ви презентираме
НЕКОЛКУ ПОКАЗАТЕЛНИ ПРИМЕРИ ЗА РЕПРЕСИИ ВРЗ БУГАРИ
Случајот на Марија Стоименова, која беше уапсена на 6 октомври 1995 година, е индикативен. Таа е единствената што се осмелила да ги опише методите на насилство што ги користеле македонските полицајци. Причината за нејзиното апсење беа нејзините семејни врски со Алексо Стоименов од Струмица, долгогодишен политички емигрант во Белгија, близок до водачот на Македонското ослободително движење Иван Михајлов. М. Стоименова го опишува однесувањето на полицијата на следниов начин: „Се подготвив и отидов во тоалет, во тој момент влезе женското лице со мене и додека ја извршував најинтимната потреба – физиолошка потреба, таа застана до мене. Кога се случи ова, во тој момент се прашував дали сум човечко суштество и дали имам некакви човекови права.“
Еве ја темата на самото испрашување: „започнаа со закана, со која ми дадоа до знаење дека морам да раскажам сè, од почетокот со првото доаѓање на Алексо Стоименов, да се сетам кога дошол, со кого дошол, зошто, на која граница влегол, кого видел, што рекол, колку долго останал во Македонија, на кого се јавил, какви идеи имал, со каква цел бил во Македонија, зошто доаѓа кај нас, каде се движи низ Македонија? И ако не го кажам сето ова, и ако не го кажам мојот живот овие 3-4 години, каде одев секој ден, и ако не признаам дека jac го извршив атентатот врз Киро Глигоров, готова сум, моето лично досие ќе биде променето и ќе бидам во затвор 20 години. Разговорот започна: ајде, кажи ни кога Алексо Стоименов првпат дошол во Македонија и кого се сретнал во Македонија, што рекол…, каде одам, што правам…, колку пати сум бил во Бугарија, што од Бугарија носам во Македонија, што Алексо ми дава да го донесам овде во Скопје.“
А еве го описот на самата физичка тортура: „еден од инспекторите ми рече: па, ако не сакаш со љубезност да признаеш дека си го извршил атентатот врз Киро Глигоров, ќе мора да го направиш тоа со лошо, и дека немаат нерви да се расправуваат со мене. Излезе и по 5 минути се врати со пендрек, почна да се фали, прво почна да удира по ѕидот, потоа по бирото и ми вика: гледаш ли што ќе ти се случи? Прво почна постепено да ме турка со раката кон ѕидот и кога стигнав до ѕидот, почна да ме удира во него велејќи: многу си силна, посилна од ѕидот, ајде да видиме дали си и посилна од пендрекот… Она што ми се случуваше мене, исто како што бев малтретирана и понижувана, истото се однесуваше и кон мојот сопруг, со таа разлика што беше немилосрдно тепан… Шестиот ден колабирав од глад и несоница.“
И по напуштањето на полициската станица, проблемите на М. Стоименова не завршуваат: „Повикавме прва помош по телефон. Кога кажавме кои сме и што сакаме, тие одговорија дека не можат да дојдат, ни рекоа да одиме во најблискиот медицински центар, дека не можат да ни понудат помош. Пребарувавме насекаде низ Скопје за да ни дадат лекарско уверение за нашите повреди. Ниту еден лекар не сакаше да ни даде и потпише уверение со зборовите: не се осмелуваме, и ние ќе бидеме затворени“.

Дел од писмената изјава на Марија Стоименова за физичкото и менталното насилство извршено врз неа во денешна Северна Македонија во 1995 година.
Ова се случува во Северна Македонија – земја која, и покрај формалниот статус на кандидат за ЕУ, продолжува да биде под силно влијание на Белград. За да го разбереме обемот на репресијата, ќе го посочиме најновиот масовен пример на насилство и манипулација за време на пописот на населението на Северна Македонија во 2021 година. Само од Бугарите беше побарано да достават доказ дека се Бугари. Во некои случаи, тие ги покажаа своите бугарски лични карти, и на овој начин, на 20.000 луѓе им беше променет идентитетот, регистрирани како лица со двојно државјанство, а не како Бугари. А уште 100.000 граѓани на Северна Македонија не беа посетени од попишувачите. Знаеме дека списоците на лица со бугарски идентитет беа составени однапред, а властите им кажаа на попишувачите да не ги посетуваат и да не ги бројат домаќинствата на Бугарите.
Со оглед на сето наведено овде, ве апелираме да заземете активна граѓанска позиција и да ги заштитите човековите права на Бугарите во оваа земја за време на разгледувањето на извештајот за Северна Македонија во ЕП. Доколку е потребно, подготвени сме да ви обезбедиме дополнителни информации или да помогнеме во организирање средби со репресирани Бугари во Северна Македонија.
Со почит:
Копретседатели: Проф. д-р Трендафил Митев, доц. д-р Спас Ташев и Илија Стојановски
Секретар: Димитар М. Димитров
Ова обраќање го поддржува и Новата политичка емиграција на македонските Бугари, застапувана од Благој Шаторов и Горан Серафимов.

