| |

Херојот Каварналиев- последната одбрана на земјата народот и Езерото

Пишува: Владимир Перев

1.
На помалку од десетина километри на патот кон Дојран, на една височинка, по тешко достапен пат, се издига еден величествен споменик во чест на полковник Константин Каварналиев, херојот од бугарската армија, паднал во Меѓусојузничката-Втората балканска војна, во борбите за одбрана на Дојран и обезбедувањето отстапница на македонците/бугарите на нивниот пат кон Слободата, потиснати и протерани од грчката армија и нејзините злосторства врз мирното население во Кукушко. Кој е Константин Каварналиев?

Роден е во Шумен во 1866 година и завршува Воено училиште, седма генерација на кадети. Тој е вистински офицер на војната. Учествува во српско бугарската војна во 1885 година, во борбите на Сливница, Цариброд и Пирот. Тој е трет по ранг во генерацијата офицери. Потоа завршува Воена академија во Белгија во 1897 година, специјализира во Италија, а учествува во Првата и во трагичната Втора балканска војна. Посмртно е произведен во чин генерал-мајор.

2.
На почетокот на Меѓусојузничката војна, шест грчки дивизии командувани лично од кралот Константин Први се устремуваат на Кукуш кој е бранет од само два бугарски полка. Жестоката одбрана на градот трае три дена, а населението под заштита на бугарските војски, безбедно го напушта градот. Кукуш е ограбен, разрушен и запален. Потоа грчката армија се упатува кон Дојран, уништувајќи сѐ живо на патот. Последната одбрана ја држи полковник Каварналиев со вкупно 3.000 борци, наспроти огромната грчка армија од 42.000 борци. Борбите започнуваат на 18 јуни 1913 година, за со целосна јарост да бидат сѐ до 21 јуни кога грчките војски се одбиени а огромната маса луѓе од Северна Грција, безбедно се повлекува кон Бугарија. Тоа е огромна колона од несреќници кои се движат пешки, со запрежни коли и со неопходната покуќнина која успеале да ја поинесат со себе си. Со нив се движи и домашната стока, способна за патување. Последната одбрана, со пушка во рака ја предводи лично Каварналиев. Непријателот е одбиен, полковникот е навидум лесно ранет, но повредена е клучна артерија и тој набрзо умира. Закопан е на местото на неговата херојска смрт.

3.
Трагедијата и судбината на одбраната на Дојран, кај нас е малку позната. “Бежанцѝте“ (тоа е названието на бегалците-кукушани), се населуваат во Петрич, Струмица, но и низ цела Бугарија. Многу од нив ги имаат загубено документите за своите претци, но некои во Бугарија се уште ги чуваат интересните изводи од матичните книги на родените, во местата во кои се заселиле. Денес, некои потомци од “бежанците“, питомци на Воената академија во Софија, со гордост ги покажуваат оригиналните сочувани документи на своите предци каде пишува дека се “родени во запрежна кола на брегот на Дојранското езеро“, или “во запрежна кола, некаде во околината на Дојран“…напишан, документиран спомен за семејната трагедија.

Фото: PR ZONE.

4.
Бугарија му се оддолжи на својот херој достоинствено. Во 1916 година е подигнат споменик во негова чест, на местото на погибијата. Споменикот ја преживува Првата светска војна и ја преживува окупацијата на српската солдатеска и полициските насилија врз Македонија во периодот 1918-1941 година. Останува на своето место, обвиен со почитта на месното население. Ја преживува и Втората светска војна, ги преживува и партизанските удбашки чистки, за да биде разрушен со динамит во времето на владеењето на “демократот“, тиранинот Тито во 1966 година. Повторно е обновен во 2019 година, за време на владеењето на СДСМ, предводена од Зоран Заев. Така е обновен и сочуван споменот за херојот-бранител.

Што одбрани и што не успеа да одбрани полковник Каварналиев?

5.
Пред сѐ, како најважно, полковник Каварналиев успеа да го одбрани НАРОДОТ, сеедно дали некој денес го нарекува бугарски или македонски, успеа да ги одбрани тогавашните македонски бугари. Распрснати се низ целата слободна Бугарија, но денеска, цели заедници на потомците од Кукуш и други места од Северна Грција, живеат во хомогени целини во Петрич и Струмица, носејќи го заедничкото име “бежанцѝ“, кое битно се разликува од името “деца бегалци“, оние кои доаѓаат овде како резултат на Граѓанската војна во Грција 1944-48/9 година.

Потоа, колку и необично да звучи, Каварналиев успева да одбрани и ДЕЛ од ТЕРИТОРИЈАТА на Македонија, да не остане под грчка власт. Тие делови денес се во составот на РСМ и на РБ, каде еднородниот народ го живее животот слободно. Да, има нарушување на еден дел од суштествените човекови права vo РСМ, но патот и животот во ЕУ, ќе ги надополни недостатоците од изминатиот период на потиснат национален идентитет.

Конечно, Каварналиев успева да го одбрани и ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО, за еден негов дел трајно да остане во сопственост на РСМ. Во нашата исушена и безводна земја, потисната од климатските промени, таа придобивка во иднина ќе ги покаже своите предности.

6.
Потомците на “бежанцѝте“ денес, заедно со сите нас, живеат еден релативно нормален и демократски живот, посебно по 1990 година. Да се надеваме дека ќе се подобри и ситуацијата со нарушените човекови права на македонските бугари, од кои голем дел се потомците на кукушани и на други од делови на Егејот.

Територијата на РСМ се возобновува, гради и напредува кое е за пофалба, но пропуштена е основната цел на одбраната на земјата-таа да биде обработувана, а не напуштана и со раселено население.

Езерото е нашата болка, Езерото кое се суши, се смалува и неповратно се загадува. Тоа е она наше Езеро за чии води и власт над него (барем на еден негов дел) се бореше Каварналиев, а и хероите од Беласица за време на Првата светска војна. Денес тоа е посетувано како туристичка атракција, но во суштина е напуштено, девастирано и со признаци на клиничка смрт. Нашата негрижа, но и климатските промени си го направија своето.

Каварналиев го одбрани Езерото од грците, кој ќе го одбрани од нас?



Слични Објави