ЗАЛОЖБА ЗА ЕВРОПСКИ ОХРИД, А РЕАЛНОСТА ТЕКСАС

Празните ветувања полека но сигурно избледеа и се заборавија, а во Охрид сѐ уште владее беззаконието и безредието.
Не така одамна беа изборите кои беа полни со лаги и манипулации, но како и секогаш секое чудо за три дена. Во Охрид тридневната еуфорија одамна заврши, нели минарето се заборави, дивоградбите не се веќе интересни, Нефи падна во заборав, директорката на ЈП „Билјанини Извори“ и неа почнавме да ја забораваме, но благодарение на коктелите, игранките и пикниците градоначалникот не можеме да го заборавиме.

Навршува и четвртиот месец после изборите и нема никаков резултат, во однос на сите проблеми што се појавија во нашиот град. Зошто ништо не се случува или поточно зошто се купува на време? Кој кого го штити во Охрид и кого пробуваат го да спасат? Впрочем и 44 години да им се даде власт, повторно сѐ ќе биде исто. Ако некој заборавил СДСМ е на власт 3 години, СДСМ има локална власт во Охрид исто толку. Зарем некој очекува промена? Не верувам.

Реалноста е иста од која страна и да ја погледнете. ДПМНЕ „будно“ ја следат ситуацијата и бараат одговори, а рака на срце и постојано ги добиваат. Пресови, соопштенија колку ти душа сака, но што има на нив? ДПМНЕ обвинува, а пак СДСМ возвраќа со контра обвинување. Нели и самите си ја префлаат топката кој бил поголем виновник. Најголемиот дел е секогаш кој го краде Охрид и охриѓани, чиниш градот е приватна сопственост на двете партии, но искрено и не сме така далеку од вистината, барем таква е праксата последните 28 години.

Како што милува да каже нашиот градоначалник, криви се ДПМНЕ и поранешните градоначалници кои не донеле до оваа дереџе. Георгиески, некако заборава дека СДСМ е на власт цели 3 години, заборава дека е тој самиот градоначалник скоро 1 година, па искрено би го прашал што очекуваше тој од таа позиција и зошто се кандидирал за истата, кога нема ни смелост ни храброст за да најде решение за проблемите? Ајде да почнеме од некаде, каде е стационарот за кучињата скитници? Впрочем ако не се сеќава што тој ветил и неговата партија нека го потсетат во штабот, а ако пак незнаат ќе го потсетам јас во некоја наредна прилика. Што правиме со дивоградбите?
УНЕСКО ви значи ли нешто? Што правиме со колекторскиот систем, со дупките по улиците… Има многу за набројување.

И за крај директорката на ЈП „Билјанини Извори“ која ја кријат и ја заштитуваат од законот! Самата таа ја потврди веста на неколку портали и призна дека се веродостојни, па за да биде глупоста поголема вели од почит му се обратила и тоа на ден на избори на вработен во ЈП во кое е и самата директор. Зошто и покрај овие докази и самопризнавањето од страна на директорката нема апсолутно никаква реакција од страна на градоначалникот?! Кога ќе собере храброст нека даде одговор кој и зошто ја штити директорката? И дали за него е ова почит или прекршување на изборниот законик?

Курто и Мурто политиката продолжува да владее!

Автор: Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ-Охрид