| |

Западните илузии во однос на Србија

Пишува: Иван Николов, КИЦ „Босилеград“ за БГНЕС

Историјата памети дека и големите светски политичари исто прават грешки. Тие не ги прават од незнаење или неспособност, туку од егоистичното разбирање за сопствените интереси. Понекогаш дури си признаваат, се обвинуваат и се извинуваат за грешките. Само што штетата си останува непоправлива и најчесто не е на нивна, туку на наша сметка.

Во основата на сите денешни балкански проблеми се таканаречените мировни договори, диктирани од големите сили по Првата светска војна, пишува Иван Николов.

Создавањето на Југославија беше грешка. Грешка беше и тоа што меѓународната заедница не дозволи нејзино распаѓање до крај. По три децении, големосрпскиот национализам успеа да се консолидира и да влезе во третиот век на борба за Голема Србија.

Пред три години, Франција официјално и се извини на Црна Гора за поддршката на Караѓорѓевиќи додека тие ја окупирале Црна Гора во 1918 година, ја ликвидирале државата и Црногорската православна црква и го протерале црногорскиот крал Никола – шеф на државата победник во Првата светска војна.

Тоа, се разбира, не е единствениот грев на Франција и нејзините сојузници.

Американскиот дипломат Ричард Холбрук, неколку години по Дејтонскиот договор, многукратно си ја признава грешката што во структурата на Босна и Херцеговина е внесена и Република Српска, изградена врз геноцидот и воените злосторства против босанските муслимани. Злосторства поради кои локалните жители и до денес се ужаснуваат да се капат и да ловат риба во реката Дрина, во која биле фрлени труповите на над 3.000 муслимани.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, исто така си признава дека се кае што во 1994 година ја убедил Украина да го предаде својот нуклеарен арсенал на Русија.

Грешките, се разбира, се непоправливи. Тие произведуваат долготрајни и временски одложени последици кои ја дефинираат нашата сегашност и нашата иднина. И покрај тоа, светските играчи не престануваат да прават нови пропусти и грешки.

Така на пример, САД и ЕУ тивко и рамнодушно набљудуваа како српскиот претседател Александар Вучиќ со помош на Српската православна црква, српските и руските разузнавачки служби и великодушно финансираните просрпски партии, ја претвори Црна Гора во вазална српска држава. со пристап до Јадранот.

Истите процеси денес се одвиваат и во Босна и Херцеговина. Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, деноноќно работи за распаѓање на државата и присоединување на Република Српска кон Србија. „Босна и Херцеговина ќе функционира само додека во нејзините структури има претставници на сите три народи. Се обидувам да ги убедам Хрватите истовремено да ги напуштиме институциите на Босна и Херцеговина… во нашиот трезор стојат подготвени сите закони, прописи и подзаконски акти и по само една седница од час и половина Република Српска може да стане независна држава“, вели Додик.

Тие зборови во суштина може да се протолкуваат и како закана или предупредување за нова, уште побрутална граѓанска војна во Западен Балкан.

Во исто време меѓународната заедница која, да не заборавиме, го создаде Милорад Додик, гледа, слуша и молчи. Во најдобар случај изразува загриженост и тревога. По две децении Габриел Ескобар или Кристијан Шмит можеби ќе си ги признаат денешните грешки во Босна и Херцеговина, Црна Гора или Косово, но од тоа нема да има никаква корист.

Пред да стане претседател, Вучиќ беше министер на пропагандата на поранешна Југославија, чие создавање беше грешка.

Во основата на сите денешни балкански проблеми се таканаречените мировни договори, диктирани од Големите сили по Првата светска војна. Новиот европски модел за решавање на етничките и меѓудржавните спорови во рамките на Европската унија досега не успеа да профункционира на Западен Балкан, едноставно затоа што таму не живеат Германци, Французи или Италијанци. А Србите, Хрватите и Албанците што живеат таму се на друга бранова должина и сè уште се во искушение од идеите за ново прекројување на границите. Тие идеи не им се туѓи ниту на некои светски центри на моќ.

Пред две години во јавниот простор се појави таканаречениот нон-пејпер, документ што тогаш му се припишуваше на словенечкиот премиер Јанез Јанша, во кој стануваше збор за обединување на Косово и Албанија, Република Српска и Србија и на хрватските кантони во Босна и Херцеговина со Хрватска. Тоа се разгледуваше како „…начин за решавање на нерешените национални прашања на Србите, Албанците и Хрватите. Поранешното Кралство Југославија и повоената СФРЈ ги прикрија и ги ублажија тие проблеми, но тие пламнаа во процесот на распаѓањето на Југославија. Дејтонскиот договор ја запре војната во Босна, кампањата на НАТО го запре етничкото чистење на Косово шест години подоцна, а со напорите на ЕУ и НАТО беше наметнат мир, беа дадени ветувања за европска перспектива, беше постигнат извесен напредок во Северна Македонија и Црна Гора, но клучните прашања останаа нерешени“, се велеше во тој документ.

Секако, следеа остри реакции од официјалните органи на Босна и Херцеговина, Европа и САД, но додека сите го отфрлаа и осудуваа, тој нон-пејпер документ беше лансиран и широко дискутиран во светскиот печат.

Речиси во истото време претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, разговараа за размена на територии во Вашингтон како начин за решавање на односите меѓу Србија и Косово. И тука следеа остри дипломатски реакции, но духот веќе беше излезен од шишето.

Во текстот „Поделба на Балканот на зони на влијание“, соработникот на фондацијата „Џејмстаун“ во Вашингтон, Јанош Бугајски, пишува за некој нов „троен“ план на САД и Брисел, со кој практично се постигнуваат целите на Србија, Хрватска и Албанија за таканареченото „национално обединување“ без да се допираат нивните надворешни граници!? Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија само формално ќе останат држави со кои практично управуваат Белград, Загреб и Тирана.

Коалицијата која го собори Мило Ѓукановиќ вклучува просрпска партија

Тоа секако е многу опасен план, но мејнстрим медиумите во Западен Балкан многу лесно го пренебрегнуваат како невозможен и безбеден? Има и други аналитичари кои првично го негираат постоењето на таков план. Но, она што го мислат во Европа и во САД обично нема никаква врска со она за што сонуваат лидерите на Западен Балкан. Секој што мисли дека Балканот може да се смири ако се задоволат апетитите на главните државни националисти, е во заблуда. Затоа што потоа тие ќе скокнат еден против друг и ќе почнат да се јадат, како што веќе се случи еднаш во 90-тите години на минатиот век.

Во таа линија на размислување, вреди да се потсетиме дека на истиот начин САД и Европа наивно ги игнорираа трезвените гласови кои навреме предупредуваа за руската опасност над Украина. „Путин ќе започне војна. Не знам кога, но тој ќе го направи тоа. И потоа Европејците ќе бидат изненадени кога ќе откријат дека таа војна е насочена и против нив…“ Тоа се зборовите на Ана Политковскаја пред да биде убиена на роденденот на Путин во 2006 година, цели осум години пред присоединувањето на Крим кон Русија.

Денес, кога со голо око се гледа дека руското влијание е цврсто воспоставено во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а американските и европските дипломати прават неприфатливи отстапки на некои големи државни апетити и практично низводно ги пуштаат Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија, веројатно со надеж дека на тој начин ќе ја придобијат Србија и ќе ја извадат од руското и кинеското влијание!? Дури и молчешкум ја поддржаа коалицијата што го собори црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, без да земат предвид дека во таа коалиција членува и просрпската партија Демократски фронт, која беше вмешана во неуспешниот руско-српски државен удар во 2016 година. Сега сите со страв нагаѓаат во која насока ќе тргне новоизбраниот претседател Милатовиќ и во која насока ќе тргне самата Црна Гора по претстојните парламентарни избори во јули.

Западните политичари во никој случај не се имуни на грешки. Во 90-тите години на минатиот век тие немаа стратешки поглед кон Балканот. Прогледаа дури кога светските новински агенции ги покажаа крвавите злосторства и бегалските колони.

Мора да свикнеме со мислата дека во Брисел и Вашингтон не постои супермозок кој гледа и знае сѐ. Имаат само надмоќ со која си ги штитат сопствените интереси, така како што си ги дефинирале. Ние, кои живееме на Балканот, многу подобро ги чувствуваме сопствените проблеми од сите европски и американски дипломати заедно, бидејќи тие влијаат на нашите животи и безбедноста, а имаме и историско искуство. Проблемот е што тие или не сакаат да не слушнат, или нè слушаат кога е предоцна. Интервенираат кога треба да го изгаснат пожарот. Кога треба да се воспостави мир, обично прават грешки за кои никогаш не одговорале и нема да одговараат, но ние страдавме и ќе продолжиме да страдаме и од нивните и од нашите грешки.



Слични Објави