Започнува 65-то издание на фестивалот „Мартенски музички денови“ во Русе
На 13 март во Русе започнува 65-то. издание на меѓународниот фестивал Мартенски музички денови – едeн од најреномираните културни настани во Бугарија. Програмата годинава вклучува оперска премиера, шест симфониски концерти, камерни концерти и пет изложби. На сцената ќе настапат водечки солисти и ансамбли од Бугарија и странство, меѓу кои Романскиот национален оркестар, Софиската филхармонија, гудачкиот квартет „Јерусалим“, саксофонскиот квартет „Signum“ и вокалниот ансамбл VOCES8 Scholars.
Фестивалот ќе го отвори Русенскиот фестивалски оркестар – состав од 80 музичари од 19 држави, сите поранешни ученици на Национално училиште за уметности „Проф. Веселин Стојанов“.
Оркестарот е создаден во 2010 година по иницијатива на музикологот и долгогодишен директор на училиштето Марија Дуканова. Првично бил замислен како еднократен проект за одбележување на 50-годишнината на училиштето, но подоцна станал траен дел од фестивалот.
„Идејата беше моја, а подготовката траеше најмалку две години за да ги пронајдеме сите поранешни ученици низ светот. Се покажа дека ова не е само оркестар од музичари, туку и од пријатели и истомисленици“, вели Дуканова.
Во текот на годините со оркестарот настапувале познати солисти како пијанистот Евгени Божанов, виолинистот Светлин Русев и оперската прима Красимира Стојанова. Диригент е маестро Емил Табаков, кој, според Дуканова, создава „исклучителна атмосфера на пријателство и прекрасна работа“.
„Ова е оркестар што свири од радост, а не од обврска“, вели таа, додавајќи дека многу музичари доаѓаат во Русе и покрај тоа што хонорарите не ги покриваат ни трошоците за патување.
Дуканова се надева дека проектот ќе продолжи и во иднина, а младите музичари ќе ја преземат идејата, бидејќи, како што вели, „тоа е исклучително важно – за Русе и за неговите жители“.

