Бугарија планира да купи 12 ракетни системи EuroPULS преку заедничка европска набавка
Бугарија планира да набави 12 реактивни артилериски системи за повеќекратно лансирање ракети EuroPULS (MARS 3) како дел од голема заедничка набавка што Германија ја подготвува со Израел, пишува бугарскиот дневен весник 24 часа. Според германското специјализирано издание Hartpunkt, договорот предвидува производство на околу 500 системи за потребите на Бундесверот и други европски држави во НАТО.
Системите се аналог на американскиот HIMARS. Бугарската армија првично планирала да купи HIMARS, но роковите за испорака биле премногу долги.
Околу половина од системите ќе ги користи Германија, а останатите ќе бидат понудени на други сојузници во НАТО под исти услови. Слични набавки веќе прават Нидерландија и Грција.
Финансирањето на бугарската набавка е предвидено преку заем од европскиот механизам SAFE. Европската комисија одобри заем од 3,261 милијарди евра за девет големи модернизациски проекти на бугарската армија, меѓу кои и нови радари, системи за заштита од дронови и артилерија со НАТО-калибар 155 милиметри.
Системите EuroPULS ќе ги произведува германската компанија KNDS во соработка со израелската „Елбит системс“. Договорот вклучува и набавка на ракети со дострел од 150 километри, а подоцна и до 300 километри.
Во меѓувреме, бугарскиот парламент ратификуваше и договор со САД за купување крајбрежни ракетни комплекси NSM во вредност од околу 620 милиони долари.

