Премиера на документарниот филм „Последните логораши од Белене“ на Софија филм фест
Документарниот филм „Последните логораши од Белене“ на бугарскиот режисер Димитар Коцев – Шошо ќе ја има својата премиера на 30. издание на Софија филм фест. Филмот содржи лични сведоштва на последните живи затвореници од најголемиот логор за политички противници на комунистичкиот режим во Бугарија – логорот „Белене“ на островот Персин, јавува БНР.
Во филмот се прикажани приказни на учители, лекари, инженери и студенти кои без суд биле испратени во логорот за време на насилната промена на имињата на бугарските граѓани од турско потекло во периодот 1984–1987 година. Проектот се базира на повеќе од 40 интервјуа со преживеани и нивните семејства.
Историјата на логорот долго време ја истражува новинарот Христо Христов. Малку познат факт е дека логорот, познат по репресиите од 1950-тите, бил повторно отворен во текот на т.н. „възродителен процес“, кога во него биле испраќани луѓе кои одбиле да ги сменат своите имиња.
„Станува збор за сосема обични, чесни луѓе – учители, агрономи, возачи, студенти. Луѓе кои живееле нормален живот додека еден ден државата не одлучила дека мора да се откажат од своите имиња“, вели режисерот Димитар Коцев – Шошо.
Тој додава дека личните сведоштва се клучни за разбирање на трагедијата: „Кога слушаме дека многу луѓе биле репресирани, тоа останува како статистика. Но кога ќе го видиш конкретниот човек и неговата судбина – тогаш трагедијата добива вистинска тежина.“
Премиерата на филмот ќе се одржи на 20 март во кино „Љумиер“ во рамките на Софија филм фест, а дополнителна проекција е најавена за 3 април, кога ќе присуствуваат дел од учесниците во филмот и авторскиот тим.
