ЗОШТО ЛИ НЕ НÈ САКА ЕВРОПА?
Не можам да прекинам да се прашувам, што ли ја снајде нашата држава?! Не дека на сите не ни е јасно дека одамна нешто ја снашло! И како да не биде така кога сме заробеници на малициозна и дегутантна политика!?! Политика која е лоша и казнива, која нема друг пат освен оној чија крајна дестинација е затворот.
А оние, добронамерните политичари, оние кои се бројат на прсти, сакајќи да ги донесат реформите излегоа не толку способни фактори. Излезе дека криминалот е посилен од нивниот ентузијазам! Па, како после да нѐ сака светот? И тие што сакаа да нѐ внесат под своја закрила, онаму за каде што го подготвивме свеченото одело, Европа, ни рекоа: гости како вас, не примаме во моментов. Да не зборуваме дека овој момент трае со години, а енигма е уште колку ќе трае. Европа не е подготвена за пријатели како нас. Но, уште пострашно е сознанието дека ние сме тие кои не се подготвени за да бидат нивни пријатели. Како да бидеме кога нашето поднебје толерира крадци, криминалци, казнувачи на невиното, а наградувачи на виновното! За секој од нив во оваа држава има место под сонцето.
Европа не сака држава во која среќата ја уживаат само 5 и 10% од населението! А, знаете кои се тие 10, а кои се тие 5%?!
Десетте посто се политичарите, нивните роднини и нивниот клан, оние што станале супермилионери користејќи ја власта и нејзината моќ. Ама и тие се затворени во својот пеколен круг, немаат ниту еден среќен ден, бидејќи постојано ги следи една сенка, а тоа е кошмарот на криминалот, стравот да не бидат уапсени, анксиозноста поради невините жртви што ги предизвикале. За нив единствената привремена утеха е грстот антидепресивни таблети или други психотропни манипулаторни материи! И од целата оваа глутница на хиени, среќни можат да бидат само нивните деца кои се школувале во странство, растеле надвор од земјата, благодарение на “родителите херои”. Ама, пак, и од нив многу мал дел ќе останат среќни! Порано или подоцна, ќе им стане познато во што се вовлекле нивните родители и која е цената за нивниот „успех“, а срамот и болната вистина како еполети ќе си ги носат сите заедно, до навек. Ете, во тоа ќе ги вовлечат нивните родители.
А ние, другите, како дресирани животинчиња си траеме и трпиме! Небаре чекаме да ни се додели циркуското сценарио, па во агонија да ги следиме наредбите и нормите на оние што нѐ владеат, суровата волја на нашиот политичко-социјален систем!
И сѐ така. Немо си набљудуваме како ретките и убави плажи се претвориле во бази за заработка на милиони евра од одредени политичари, си трпиме гледајќи како политиката го уништува Охридското Езеро, едно од најубавите во Европа! Не остана веќе ниту метар плажа што е бесплатен. Во услови кога со нив царуваат бизнисмени и се нивен приватен посед, цените за лежалките, водата, хамбургерите го шокираат речиси секој посетител. И не е мал бројот на оние кои скромно се обидуваат, меѓу стоте лежалки, да најдат квадрат слободен и да ја постават својата рогозина, обидувајќи се срамежливо да го уживаат истото сонце. Се чувствуваат небаре се криминалци, освојувачи на простор кој не го заслужиле. Само затоа што немаат пари да ја платат вртоглаво високата цена за лежалките! А, никој не погледнува кон оние, во позадина, што бројат златници и убавината на денот ја пресметуваат низ бројките од заработеното.
Трпиме и кога гледаме како во болниците нема елементарни услови за прием и третман на пациентите, трпиме и гледаме како најдобрите лекари заминуваат да работат онаму каде што ги третираат достоинствено, трпиме и се молиме да не се најдеме во тие ходници кои само ќе зголемат нашата агонија и страв.
Трпиме и гледаме како со училиштата со трул кров управуваат министри кои си поигруваат со директорите и наставниците како со марионети за в куклен театар. И сето тоа се одвива пред очите на невините деца, кои сиот тој товар ќе си го носат на грб.
Не можеме, луѓе мои, да сме толку трпеливи. Ниту можеме да се принудуваме да бидеме позитивни и спокојни во ваква налудничава атмосфера. Не ни нам местото во гротеска, во една карикатурно – фантастична и искривена слика на реалноста, која не предизвикува комични туку застрашувачки чувства. Кога ги негираме проблемите, се скратуваме од можноста да ги решиме и да се одведеме себеси кон една посреќна реалност.
Европа не нѐ сака толку трпеливи, бидејќи знае дека сме пропатени! Но, најлошо од сѐ е што самите себеси нема да се сакаме за кратко време од сега, дозволувајќи ја целата рашомонијада од слики во кои кадрите стануваат сѐ полоши и полоши.
Имаме малку време да направиме промени, алармот е одамна вклучен. Луѓето водат, не владејачите. Тие одлучуваат, тие треба да веруваат, тие заслужуваат, ним треба да им се служи, а не тие да служат некому!
И еден ден, како што рекол Фројд, еден ден во иднина, сиве овие години на битка ќе нѐ погодат како да биле најубавите. Лојална, мирољубива, чесна и здрава битка за она што го заслужуваме!
Автор: Д-р Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар

