SONY DSC

ЗАПОЧНУВА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ИПА ПРОЕКТОТ „СИМБИОЗА“

//

Денес, во Битола се одржа настан со кој се означи отпочнувањето на проектот „Симбиотски мерки за одржливо управување со органски отпад“ (СИМБИОЗА), кој се имплементира во рамките на Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка Грција – Република Македонија 2014 -2020. Проектот е кофинансиран од страна на Европската унија во рамките на оваа програма, а вкупниот буџет е во износ од 898 853,33 евра, од кои за активностите кои ќе бидат имплементирани во Република Македонија е наменет износ од 482 086,00 евра, додека останатите 416 772,33 евра се наменети за активностите во Грција. Проектот ќе се имплементира од страна на шест партнери од двете соседни земји, и тоа: Јавно претпријатие Комуналец Битола – водечки партнер, ЈП за комунални работи Комунална хигиена – Новаци, Движење за околината Молика ДОМ – Битола, како и партнерите од Грција: Управување со отпад во Западна Македонија, Грција ДИАДИМА С.А Кожани, ИНОПОЛИС – Центар за иновации и култура и Национален технички универзитет – Атина.

„Во исклучително значаен период, кога се покажа дека, Грција и Македонија навистина заедно можат да направат повеќе се случува токму имплементацијата на овој проект, кој што покажува заедничка грижа кон животната средина, современ третман на органскиот отпад, кој што ќе даде свој инпут во локалните економии. Верувам дека, ова е само почеток на успешна соработка со Грција и во следниот период за максимално искористување на ИПА фондовите, во корист на населението“, изјави м-р Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола

Очекуваните резултати од реализацијата на проектот ќе придонесат за креирање на нови работни места во секторот на био – отпад, развој на стратегии за имплементација на ниво на донесување на одлуки од страна на надлежните органи, намалување на количините на био отпад кој секојдневно се одлага на депониите и креирање на економски бенефит кај локалните и регионалните бизниси преку употребата на моќната алатка за вмрежување – платформа. Сите овие цели, водат кон намалување на товарот на животната средина, односно за секој тон на био – отпад кој нема да биде одложен на депонијата ќе биде регистрирано намалување на јаглерод диоксид и метан кои денес се емитираат во атмосферата.

„Со овој проект имаме повеќе бенефити за општина Битола, најпрво е тоа што ќе помогниме во подигнување на културата и можностите на граѓаните за селекција на отпадот, посебно био – отпадот, кој што ќе се подига од веќе мапирани места во градот, ќе се става во машина за компостирање и ќе се произведува компостот. Со тоа практично ќе се придонесе за намалување на штетните емисии на гасови, а од друга страна ќе се намали оптоварувањето на контејнерите, ќе се создадат услови за мрежно поврзување, односно грчката страна, Националниот технички универзитет од Атина ќе направи една платформа за тргување со биоотпадот, односно компании кои произведуваат и компании кои имаат потреба да го купат тој био-отпад, дали за производство на био – гас или од други причини, во секој случај тоа ќе донесе економски придобивки, но ќе придонесе и за подигнување на бројот на вработени“, изјави Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец Битола.



Проектот „СИМБИОЗА“ ќе се имплементира во текот на 24 месеци, односно до 8 мај 2020 година.



Претходна статија

ТАЧИ: ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА ИСТОРИСКИ И МНОГУ ЗНАЧАЕН

Следна статија

СРЕДБА СО СТУДЕНТИ ОД УНИВЕРЗИТЕТОТ „КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО ВЕЛИКО ТРНОВО

Најново од Вести