Застрелано е куче во Скопје, пријава стигнала до ЦУК
Вчера, (27.02.2023 година) попладне на единствениот телефонски број за итни случаи Е-112 граѓанин пријавил дека има застрелано куче на улица „Борка Талевски“ број 70, што е речиси на границата меѓу скопските општини Центар и Карпош, но сепак на територија на Општина Карпош, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Оттаму велат дека „веднаш, по трансферираниот повик од 112 во Секторот за операции и координација на ЦУК, Регионалниот ЦУК Скопје ги известил комуналниот инспектор на Град Скопје, Локалната самоуправа – Општина Карпош и Центар за информации и комуникација на МВР за понатамошна постапка, согласно процедурите на известените институции при вакви случаи“.
Истражувањето на случајот и утврдувањето на фактите при ваквите и слични случаи, како и преземањето оперативни активности е во насока за придонес за зголемување на безбедноста на граѓаните. Од Секторот за операции и координација при ЦУК, во 15.00 часот, е извршено повторно јавување за следење на континуитетот на пријавениот случај, согласно стандардните оперативни процедури: прво до комуналниот инспектор на Градот Скопје – кој потврдил дека е јавено на Комунална хигиена; второ до контакт лицата од Локалната самоуправа, Општина Карпош – при што повратно е добиено известување дека биле известени потребните институции за отстранување на телото на кучето и потоа трето, до надлежните од Полицијата – што потврдиле дека била пратена екипа за увид на настанот, согласно процедурите при вакви случаи“ велат од ЦУК.
Потоа, при комуникацијата и координацијата на активностите за конкретниот случај за застрелано куче во Скопје, Дежурниот оперативен центар на Секторот за операции и координација при ЦУК, после телефонска комуникација и контакт со надлежните служби на МВР, согласно оперативните стандардни процедури на ЦУК и по пат на електронски „имеил“ службени пораки ја продолжи комуникацијата интерес за повратни информации за пријавениот случај за застрелано куче во Општина Карпош, во корелација со процедурите и надлежностите на институциите од системот за управување со кризи, се вели во соопштението од институцијата.

