|

Здравството е пред колапс, не смее лекарите и учителите да зависат од партиите и од тоа кој ќе победи на избори: порака од панел дискусијата на „Замисли“

Тргање на партиските раце од здравството и конечно воспоставување на мерит систем при вработувањата во болниците, е заедничката клучна порака од денешната панел дискусија што ја организираше Граѓанската сила „Замисли“, со поддршка на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Европската фондација за демократија – ЕЕД.

Јавното здравство е пред колапс, а младите и квалитетни лекари масовно ни заминуваат во странство, истакнаа учесниците на дебатата „Ни ваши, ни наши – реформи за поддршка на стручните лекари“, за што основна причина е партизацијата во здравствениот систем на којашто сведочиме повеќе од 30 години.

„Мора да го намалиме партискиот колач, и во здравството, и во образованието и во останатите клучни општествени столбови. Не смее лекарите и учителите да зависат од партиите, од тоа кој ќе победи на избори. Ќе влегуваат луѓе во болници, нема да излегуваат живи. Ќе влегуваат деца во училиште, ќе излегуваат без знаење. Токму затоа иницираме поширока општествена дебата, и очекуваме поддршка од самите лекари и останатиот кадар во здравството за да промениме нешто, реално. За почеток нека биде промената на законот којшто им дава на директорите на клиниките дискреционо право при одлучувањето за вработувања, со што се форсираат кадри коишто имаат партиска книшка, за сметка на квалитетните млади лекари коишто поради очај ја напуштаат државата“, истакна Никола Димитров, претседател на „Солуција“.

„Македонија е земја на парадокси: имаме најдобро приватно здравство во регионов, а најлошо јавно здравство“, рече Арбен Таравари. Како е тоа можно, кога истите лекари се, во приватното здравство преминуваат лекари од јавното здравство. Значи, до организацијата е“, рече Таравари, којшто вети и дека доколку биде министер за здравство една од првите заложби ќе му биде повторно спојување на Клиничкиот центар во Скопје. „Што ни беше потребен тој луксуз од 2007 кога се направија 32 клиники со 64 директори, еден здравствен и еден економски и не знам колку членови на управни одбори?!“, праша Таравари.

Тој вети дека практично ја поддржува иницијативата на „Замисли“ и „Солуција“ за промена на регулативата што овозможува дискреционо право на директорите на клиниките и негова злоупотреба, што би било вовед во посуштински промени во здравствениот систем. На прашањето, што доколку има притисок од матичната партија, и од останатите коалициски партнери, бидејќи со овие промени ѝ се задава удар на партизацијата, тој рече дека е спремен да си замине ако не успее во своите заложби.

Професорот од Токсикологија Нико Беќаровски на панел дискусијата рече дека го памети периодот кога лекари се вработувале според регуларна ранг-листа, а не како денес, во зависност од тоа, од која партија е докторот.

Беќаровски констатира дека Европа ни го собира кремот од млади лекари и дека како професор секојдневно е во контакт со млади лекари кои учат повеќе странски јазици.

Бојан Трајковски од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари се согласува дека партизацијата е рак-раната на македонското здравство и дека неговите колеги сѐ повеќе ја губат надежта оти работите ќе се сменат на подобро.

Слични Објави