| |

Здружението „16-ти март 2025 година “ со поддршка до Швајцарија по големата трагедија во зимското одморалиште Кран-Монтана

Со скршено срце ја примивме веста за трагичната несреќа во Швајцарија. Веста нè врати таму каде што болката никогаш не замина — во моментот кога животот засекогаш се подели на „пред“ и „по“. Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок. Со овие редови, членовите на Здружението на граѓани „16-ти март 2025 година“, ја изразија својата поддршка и почит кон блиските на загинатите и повредените, во големиот пожар, што се случи во локал во швајцарското зимско одморалиште „Кран-Монтана“.

„Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана. Во вакви моменти, единственото што има вистинска вредност е човечноста, солидарноста и подадената рака. Да знаеш дека не си сам во болката. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. На повредените им посакуваме сила и надеж за закрепнување. Стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме — со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае. Нека почиваат во мир оние што заминаа, а на живите нека им биде дадена сила да продолжат“, стои во пораката на Здружението на граѓани „16-ти март 2025 година“.

Слични Објави