Одлуката на патријархот Вартоломеј за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква меѓу темите на Соборот на СПЦ

/

Во Сремски Карловци вчера започна годишната седница на Соборот на Српската православна црква (СПЦ), со свеченост по повод стогодишнината од обновата на Пеќката патријаршија и добивањето Томос од Цариградската патријаршија во 1922 година со кој СПЦ е призната како „сестринска црква на сите автокефални православни цркви“. Седницата на Соборот продолжува денеска во Белград се работниот дел, на кој, според најавите, се очекува да се расправа и за одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква.

Поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј, во посланието по повод почетокот на Соборот нагласи дека „Пеќката патријаршија од незаконското укинување во 1766 година била поделена на митрополии и епархии во границите на различни земји се до 12 септември 1920 година, кога е воспоставено единство на Белградската архиепископија и Mитрополија српска, Архиепископијата карловачка и Митрополија српска, со епископиите Далматиско-истарска и бокакоторска, Архиепископијата цетинска и Митрополијата на Црна Гора, Брдо и Приморјето, потоа митрополиите скопска, рашко-призренска, велешко-дебарска, пелагониска, преспанско-охридска, струмичка, еден дел од Митрополијата воденска, Пољанската епископија и митрополиите во Босна и Херцеговина: дабробосанска, херцеговска, зворничко-тузланска и бањалучко-бихаќка, обединети во една автокефална единствена СПЦ“.

– Овој голем празник навистина е празник на единството и слогата. И ние денеска, по сто години радосно го објавуваме и прославуваме овој историски настан, без разлика дали живееме во матицата, без разлика дали во некои од српските или околните земји, без разлика дали во раселеност расфрлани под бурата на историските ветрови на секаде на шестте континенти, наведе патријархот Порфириј во посланието.

Свеченоста почна со литургија која, како што соопшти СПЦ, ја сослужеа „блажениот архиепископ охридски и митрополит скопски г. Јован, митрополитот дабробосански г. Хризостом, митрополитот црногорско-приморски г Јоаникије, како и преосветените господа епископи сремски г. Василије, будимски г. Лукијан, канадски г. Митрофан, новограчаничко-среднозападноамерикански г. Лонгин, жички г. Јустин, шумадиски г. Јован, зворничко-тузлански г. Фотиј, крушевачки г. Давид и буеносаирески и јужно-централноамерикански г. Кирило“.

Годишната седница на српкиот Соборот редовно се одржува во мај и на неа присуствуваат владици на СПЦ од Србија и од странство. На Соборот се одлучува со мнозинство гласови, а гласот на патријархот е пресуден само кога бројот на гласовите е изедначен. На крајот од седницата Соборот издава соопштение за донесените одлуки, но не се исклучени соопштенија и во текот на нејзиното одржување за некои особено важни прашања.

Меѓу тие прашања е и одлуката вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање нашата Црква за канонска „под името Охридска архиепископија“. Според српските медиуми, со својата одлука за канонско признавање на Охридската архиепископија, патријархот Вартоломеј дејствувал како „прв по чест“ кој ги решава недоразбирањата меѓу црквите и дека преку признавањето на МПЦ за канонска „сака да ги преземе нејзините епархии во странство“.

Уште пред објавувањето на одлуката на патријархот Вартоломе зворничко-тузланскиот епископ Фотије на 6 мај соопшти дека имало средба меѓу претставници на СПЦ и МПЦ-ОА.

– Можно е овој месец на мајскиот собор на СПЦ во Белград, МПЦ, односно Охридската Архиепископија, да се врати во канонско единство со СПЦ и со тоа да се реши расколот од 1967 година. Деновиве како дел од Синодот на СПЦ, го придружував неговата светост на средба со претставници на Македонската православна црква во Нишката епархија. Тоа беше интересен дијалог на љубов, верба и надеж и се надеваме дека ако даде Господ ќе дојде до единство, но прво да се помолиме сите на Бога. Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија, на овогодишното заседание на Соборот во Белград во мај ќе се врати во канонско единство со Српската православна црква, а со тоа и во канонско единство со сите помесни православни цркви, изјави епископот Фотије.

Тој не наведе што тоа конкретно значи, односно дали СПЦ ќе ја признае автокефалноста на МПЦ, но посочи дека Соборот на СПЦ е пред „голем предизвик“.

– Пред нас е голем предизвик и ако Господ дозволи молитвите на владиката Николај Охридски и Жички, молитвите на Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и другите светители, Свети Сава Српски, да го воспостават тоа единство, да се исцели тој раскол што постои од 1967 година. Сега сме на прагот да го решиме тој проблем, ако даде Господ, затоа ве повикувам да се молиме на Бога, сите вие и сите ние, да го решиме за славата Божја и за доброто на нашите свети цркви. Но, и за доброто на нашиот српски народ и за доброто на македонскиот народ, кои се два братски народи, изјави Фотије.



Српскиот весник „Курир“, повикувајќи се на извори во Патријаршијата во Белград, наведува дека Соборот на СПЦ официјално ќе ја потврди одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј за „признавање на автономната Охридска архиепископија, наместо досега непризнатата т.н. Македонската Православна Црква (МПЦ)“.

Весникот наведува дека СПЦ сакала канонски да ја признае нашата Црква, но „намерно била спречена од вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој сакал да испадне дека оваа одлука за канонско признавање е донесена исклучиво благодарение на него“.

„Курир“ истакнува дека хиерархијата на СПЦ била подготвена да договори црковна заедница со МПЦ-ОА, за што директно и индиректно се зборувало во неколку наврати во претходниот период, па дури и на почетокот на мај на средбата во Ниш на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан, придружувани од архиереите на двете цркви.

Според белградскиот весник, признавањето ќе значи и дека ќе има „сериозни кадровски промени во рамките на Православната Охридска Архиепископија (ПОА)“ на Јован Вранишковски, потенцирајќи дека „ПОА практично ќе ја преземе сегашната расколничка хиерархија во Македонија и ќе се вика Охридска архиепископија“.

Весникот наведува дека Вранишковски „ќе се пензионира поради тешката здравствена состојба“, а тројцата прогласени владици на ПОА би го задржале епископскиот чин и би добиле управа на еден од манастирите во земјава или би им биле доделени „епархии во рамките на Охридската архиепископија“.

Белградскиот весник додава и дека СПЦ планирала да го признае единството со МПЦ-ОА на крајот на вчеразапочнатиот Собор, по што великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија, што ќе означи помирување и обнова на единството.

Извор: Zoom. mk

Претходна статија

Проф. Топалов: Идентитет не се гради на лаги, затоа што брзо пропаѓа

Следна статија

Скопје доби регионален Центар за извонредност на стручно образование и зелени иновации

Најново од Вести