Здружението „Балкански мост“ со поддршка за Ива Михаилова: До кога обичниот граѓанин ќе ја плаќа цената на политичките калкулации и нерешените меѓудржавни спорови?
До кога обичниот граѓанин ќе ја плаќа цената на политичките калкулации и нерешените меѓудржавни спорови?
Здружението „Балкански мост“ смета дека човечките судбини не смеат да бидат инструмент за политички притисок, ниту заложник на нерешените билатерални прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Како здружение кое се залага за еднаквост, достоинство и почитување на правата на сите граѓани на Република Северна Македонија, вклучително и припадниците на бугарската етничка заедница, сметаме дека случајот на Ива заслужува сериозно институционално и општествено внимание.
Без да навлегуваме во прашањето за вина, за кое единствено надлежен е судот, инсистираме на почитување на презумпцијата на невиност, правото на фер судење и основното човеково право на соодветно лекување.
Имајќи ги предвид јавно изнесените информации за сериозноста на нејзината здравствена состојба и потребата од лекување во странство, апелираме надлежните институции итно, законито и со должно внимание кон нејзиното здравје да ги разгледаат сите можности што ги дозволува законот за да ѝ се овозможи потребното лекување, без притоа да се попречува судската постапка.
Правдата не смее да значи отсуство на човечност. Човечкиот живот и здравје не смеат да бидат цена на какви било политички калкулации.
Воедно, изразуваме благодарност до претставниците на политичкиот и институционалниот живот на Република Бугарија кои покажаа интерес за случајот и за положбата на бугарската заедница во Република Северна Македонија. Секоја легитимна поддршка за заштита на човековите права, достоинството и еднаквоста е значајна.
Бараме правда. Бараме фер судење. Бараме човечност.
Ива мора да има право да се лекува, а правдата мора да се утврдува во судница – согласно законот, доказите и принципите на правичната постапка.
Здружение „Балкански мост

