Здружението „Бугарска задруга“ организира акција за поддршка на Сирија
Сирија вчера испратила барање до ЕУ за помош на силите за цивилна заштита. Ова го соопшти еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчиќ. Ги охрабруваме државите од Унијата да одговорат, рече тој на прес-конференција и прецизираше дека санкциите наметнати на земјата не се пречка за давање помош. И покрај овие гаранции, сепак, испраќањето помош во Сирија не е лесно.
Но, од здружението „Бугарска задруга“ сметаат дека нашле начин да го направат тоа.
„Дознавме дека се отвораат три пунктови на северната граница и преку нив ќе може да пристигнуваат донации. Она што им отежна на оние кои сакаа да помогнат беа изјавите дека сè мора да помине низ териториите што ги контролира режимот, објасни Георги Василев од здружението „Бугарска“ задруга“.
Во моментов има летови од Бугарија до Адана – најблиското место во Турција од каде може да се стигне до тие пунктови, посочи Василев.
„Може да се транспортира материјална и финансиска помош“.
Тој објасни зошто здружението избрало да ги насочи напорите за помош на жртвите во Сирија.
„Во првите часови немаше информација за степенот на штетата. Но, до крајот на денот се утврди. Решивме дека треба да се обидеме да помогнеме. Избравме кампања за Сирија. Бевме уверени дека бугарската држава и меѓународната заедница ќе и помогнат на Турција. Ситуацијата во Сирија е крајно комплицирана и пред земјотресот. Практично се води војна, и тоа со години. Тоа не подразбира спроведување на брзи спасувачки операции.“
Луѓето реагираат, има многу емпатија, рече тој.
„Во првите денови немавме претстава како да стигнеме до најпогодените северни региони на Сирија. Дознавме дека има неколку меѓународни организации кои со години доставуваат помош на земјата. Донациите за нив се донации директно до погодените подрачја. Остваривме контакт со добротворни организации во Бугарија – на Манол Пејков и Лазар Радков. Моментално тие подготвуваат камиони за да одат во Сирија“.
Од здружението „Бугарска задруга“ собираат само финансиски средства. Материјалните се пренасочуваат кон други организации.
„Ниту едно дете не остана незасегнато од оваа страшна катастрофа – без разлика дали е физички или психички. Ги гледаме овие разорни слики. Некои деца се единствените преживеани од нивните семејства или се неидентификувани“.
Ова за БНР го изјави Борјана Гидикова од УНИЦЕФ – Бугарија. Според неа, децата се најпогодени во оваа тешка ситуација.
Меѓу примарните задачи на УНИЦЕФ е обезбедувањето засолниште, вода и храна за децата. Ова е особено важно во Сирија, каде по години војна луѓето живеат во екстремна сиромаштија, објасни таа.
УНИЦЕФ обезбедува прекугранична помош за областите под контрола на опозицијата во северозападна Сирија. Најблиските складови за хуманитарна помош се во Либан и Јордан, а итна помош е веќе испратена, прецизира Борјана Гидикова.

