Вредно дарение со предмети и документи на првиот бугарски кнез Александар Батенберг пристигна во Државната агенција „Архиви“ на Бугарија
Дарение од вредни предмети, писма, документи и фотографии на бугарскиот кнез Александар Батенберг беше примено денес и отворено пред камерите на БНТ во Државната агенција „Архиви“. Тоа е првото вакво дарение со предмети на кнезот што пристигнува во Архивите и е направено од сопругот на неговата правнучка – Михаел Гролер. Највредниот предмет во дарението е државниот печат од тоа време, со кој Александар Батенберг, како поглавар на бугарската монархија, ги печател важните државни документи.
Кнез Александар Батенберг имал две деца – Асен и Цветана фон Хартенау. И двајцата, сепак, немаат наследници. Асен ги посвојува децата на својата сопруга, а Михаел Гролер е сопруг на нејзината правнучка. Тој стапил во контакт со директорката на „Дом Витгенштајн“ во Виена, Румјана Конева, и ја изразил својата желба на Бугарија да ѝ ги предаде предметите и документите на кнез Александар Батенберг. Пред камерата на Бугарската национална телевизија директорот на Државната агенција „Архиви“, д-р Михаил Груев, ја отвори кутијата со вредното дарение, која пристигна денеска од Виена.
„Станува збор за едно навистина исклучително значајно дарение, не само заради личноста на кнез Александар Први, туку и заради разновидниот и исклучително вредниот карактер на документите“, изјави доц. д-р Михаил Груев, директор на ДА „Архиви“.
Несомнено највреден во дарението е државниот печат на Кнежевството, како и монограмот на Александар Батенберг. Но има и други значајни предмети. Семејни и родови фотографии кои за првпат ја гледаат светлината на денот, фотографии од неговото учество во Руско-турската војна, кореспонденција меѓу него и веќе новиот кнез – Фердинанд.
Документите покажуваат и дека по својата абдикација кнез Александар останува убеден бугарофил. Се труди да го одржи своето познавање на бугарскиот јазик, се допишува со бугарски државници, но и со обични луѓе.
Кнезот никогаш не ги подобрил односите со Русија. Како доказ за тоа Михаил Груев покажува фотографија од Бугарија, испратена до Батенберг во Грац – бугарски селани во дворот на руското конзулство. Во објаснувачкиот текст стои: „Бугарски гласачи“ добиваат рубљи за да гласаат.“
Доц. д-р Груев ѝ го врачи договорот за дарение на директорката на Централниот државен архив, Снежана Петкова. Таа, пак, го евидентираше првиот за оваа година новопримен фонд во Архивите, на име на кнез Александар Први Бугарски. Досега во архивите немало личен фонд на кнезот.

