Зеленски подготвен да го одведе Трамп на фронтот
Украинскиот лидер Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да го одведе Доналд Трамп на првата линија на фронтот бидејќи расте стравот за американската помош за Киев доколку поранешниот претседател се врати во Белата куќа, јавува БГНЕС.
Зеленски на Минхенската безбедносна конференција рече дека го поканил Трамп во Украина бидејќи политичарите треба да видат што значи вистинска војна.
„Доколку дојде г-н Трамп, јас сум подготвен да одам со него на линијата на фронтот“, рече украинскиот претседател. „Мислам дека ако водиме дијалог за тоа како да се стави крај на војната, треба да им покажеме на носителите на одлуките што значи вистинска војна, а не во Инстаграм. Вистинската војна“, изјави Зеленски.
Долгорочната иднина на милијарди долари помош од Западот за Украина е доведена во прашање откако пакетот воена помош од 60 милијарди долари беше задржана во Вашингтон од минатата година поради расправии во Конгресот.
