Зеленски: Влезот на Украина во НАТО е прашање на време
Во моментов, Украина и земјите од НАТО се де факто сојузници, а членството на Украина во алијансата е само прашање на време, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција по неговата средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Киев. објави прес-службата на украинскиот претседател, пренесува БГНЕС.
„Денеска се одржа де факто разговор меѓу сојузници. Прашање на време е – кога Украина ќе стане членка на Алијансата. Правиме се што е можно за да го приближиме овој момент“, рече Зеленски.
Според него, Столтенберг се согласил да вложи лични напори за мобилизирање на земјите-членки на блокот за оваа цел.
Зеленски изјави дека за време на разговорите детално се разговарало за понатамошната работа за приближување меѓу Украина и НАТО.
Тој истакна дека новиот формат на соработка, лансиран на самитот на алијансата во Вилнус – Советот Украина-НАТО, треба да обезбеди патот на Киев кон НАТО и практичната соработка во оваа насока.
„Заедно со НАТО работиме на подготовка на нов документ – адаптирана годишна национална програма, која ќе ги одреди практичните чекори на Украина за постигнување усогласеност со принципите и стандардите на Алијансата“, рече Володимир Зеленски.
Јенс Столтенберг од своја страна истакна дека Украина има силна поддршка од сите земји на НАТО.
Според него, членките на алијансата ќе продолжат да и обезбедуваат на Украина најнапредна одбранбена опрема, вклучувајќи тенкови, современи системи за противвоздушна одбрана, а исто така и ќе обучуваат украински пилоти за летање со борбени авиони Ф-16.

