Земјотрес со јачина од 6,1 степени по Рихтер го погоди турскиот град Синдирџи
Силен земјотрес со магнитуда од 6,1 степени по Рихтер ја погоди западната турска провинција Баликесир, во близина на градот Синдирџи. Според Турската управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD), потресот се случил во 22:48 часот по локално време, јавува БГНЕС.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека има повредени лица. „Им посакувам брзо закрепнување на нашите граѓани кои се повредени во земјотресот. Внимателно ја следиме ситуацијата. Бог нека ја заштити нашата земја од вакви несреќи,“ напиша тој на својот профил на социјалните мрежи.
Според информациите, епицентарот бил на длабочина од 5,99 километри, а потресот бил почувствуван и во Истанбул, како и во неколку соседни провинции. Весникот „Сабах“ јавува дека на местото се испратени екипи за итна помош.
Европскиот сеизмолошки центар извести дека земјотресот бил почувствуван и во делови од Бугарија и Грција.

