| |

Бугарија и германскиот концерн „Рајнметал“ почнуваат заеднички проект за фабрика за барут и муниција

Бугарската влада и германскиот технолошки гигант „Рајнметал“ утре ќе ја објават официјално реализацијата на проектот за изградба на современ завод за барут и артилериски муниции, на церемонија во зградата на бугарската Влада во Софија. Проектот, со вкупна инвестиција од речиси 1 милијарда лева (околу 500 милиони евра), се смета за стратешки потфат не само за Бугарија, туку и за цела Европа, соопштија од владината прес-служба, пренесува БГНЕС.

Новата фабрика ќе биде клучен чекор во модернизацијата на бугарската одбранбена индустрија, како и во засилувањето на одбранбените капацитети и стратешката автономија на Европската унија и НАТО во услови на зголемени безбедносни предизвици.

Проектот предвидува отворење на околу 1.000 високо квалификувани работни места и развој на производствени капацитети од најнова генерација. Со тоа, Бугарија ќе го врати клучниот елемент од својот одбранбен потенцијал и ќе ја засили позицијата во европската индустрија за оружје и муниција.

Современиот погон ќе произведува барут, 155-милиметарски артилериски гранати и модуларни полначки системи, а ќе се реализира преку заедничко претпријатие меѓу „Рајнметал“ и ВМЗ – Сопот.

Договорот ќе биде потпишан лично од извршниот директор на „Рајнметал“ Армин Папергер, директорот на одделот за оружје и муниција Роман Кјоне, и извршниот директор на ВМЗ, Иван Гецов. На свеченоста ќе присуствува и премиерот на Бугарија, Росен Желјазков.

Слични Објави