| |

ЖАЛ МИ Е ЗА ВАС ГОСПОДИНЕ НИКОЛА ГРУЕВСКИ

Едно време ми бевте некако симпатичен. Едно време цела надеж ми беше во Вас. Млад, учен, навидум чесен и борбен. Викам браво. Конечно правдина, конечно Македонија ќе тргне на прав пат. И така една година, две три, единаесет…

Какво разочарување г. Груевски! Направивте таква силна машинерија на секое поле, што истата таа машинерија на крајот самиот Вас ве изеде жив! Да , да ве изеде откако нас тогаш неопределените не ставивте во графата на невидливите, неважните…

Се почна така невино. Лепење плакати, правење на ваши медиуми кои требаше да ве фалат какви се добри дела сте направиле.
Потоа следеа избори, па станови со по 17 жители, па лични карти на сите од Мала Преспа, Пустец итн…
И види толку „ве сакаа” што секогаш бевте победници на изборите…

Да, да но тешко кога некој спомнува како вработувате новопечени ВМРОВКИ и ВМРОВЦИ, кои со „тешки“ грдни маки лепеа плакати и да на крај за нивната мизерна плата мораа да носат и по 30 други луѓе за да гласаат за вашата партија за да останат на работа.

Пази и сѐ тоа така глатко си одеше… На почетокот сите насмеани со сендвичите во раце на протести, викаа, урлаа „никој ништо не ти може Никола”… Е арно ама некако на последните протести нешто тажно се гледаше во нивните очи. Не беше тоа за Вас Никола. Ако беше така сега ќе застанеа и ќе протестираа за Вас пред судот…
Некако ми е жал за Вас, г. Никола. Зедовте под ваша закрила сѐ алчно, манипулаторско и учено-недоучено (пример „докторката“ во итната помош во Кавадарци која немаше дипломирано на медицинскиот факултет)… Не ценевте квалитет и лојалност, одевте на квантитет и секако недостижна победа… Абе важни ви беа само изборите. па тендерите па парите… Е такви луѓе и створивте… Епа на главата ви дојдоа оние кои ве „сакаа“.

Пази истите оние на кои им дадовте леб, сега ви го свртија грбот и ве обвинуваат како сте го направиле најголемиот грабеж во историјата на Македонија. Знаете ли зошто? Зошто направивте роботи на кои им е важно само да не го изгубат работното место и фотелјата каде им е сместен испотениот г’з. Од телешката кожа де… Не од работа… Епа ветрот дувна сега од другата страна… А вие многу добро знаете какви се сончогледите…

Малку ми е жал за Вас, г. Никола… Не плачете сега како Ве местат. Новите секогаш учат од старите. Имавте доволно време да го средите правниот систем.

Ќе си лежите г. Никола. Жал ми е ама така ќе е праведно. Вие одговарате за сите лигловци кои кога им дадовте работа која не ја заслужуваа, изиграваа шерифи и во полиција и во здравство и во образование… Ако некој не беше со вас , беше против вас!
Изедовте се попатно… И неопределени и комуњари и апсолутно секој што ќе се спротиставеше на вашата политика.

На телевизија течеше мед и млеко, со дамата со гаќите од 500 евра и господинот со смотаните вратоврски бевте цар.
Абе уште малку требаше за да ве прогласат за светец..

Па заврши сѐ тоа г. Никола… И иако не бев со вас ниту пак со другите јавно кажувам дека ви посакувам фер и чесно судење. Јас, и сите ние кои бевме невидливи и неподобни за работа бидејќи не сакавме и одбивавме да лепиме плакати и да бидеме послушни овци! Не го ценевте квалитетот г. Никола, го ценевте квантитетот…

На здравје ѓевречето, како си фрливте пред себе си најдовте позади себе. Ве поздравувам и се надевам дека ќе има правдина и за Вас!

Автор: Елизабета Најдоска Величкова



Слични Објави