| |

АНА КАМЧЕВА ЌЕ СВЕДОЧИ ВО „РЕКЕТ“

Ана Камчева пристигна во Кривичниот суд каде ќе сведочи за случајот „Рекет“, откако во петокот сведочеше нејзиниот сопруг, бизнисменот Орце Камчев.

Пред судот денеска треба да се појави и сметководителката на Камчев, која им ги дала парите на Бојан Јовановски и на Зоран Милески Кичеец.

Камчев по сведочењето изјави дека Бојан Јовановски, Катица Јанева, но и обвинителката од СЈО Лиле Стефанова и братот на судијката Весна Димишкова, Васил, се дел од злосторничко здружение кое изнудува пари. Тој рече дека секоја реклама што одела на „1ТВ“ била од рекетирани пари и дека нема да дозволи „неговото лице, лицето на неговите деца и семејство да го гаѓаат накази како Бојан Јовановски и Катица Јанева“.

Тој најави дека ќе поднесе повеќе тужби, и за тоа дека бил жртва на рекет, но и граѓанска постапка против Јанева и Јовановски со која ќе си ги бара назад 1.5 милиони евра што им ги дал.

Во своето сведочење, пак, Камчев, пред судот рече дека во СЈО никогаш Јанева не му нудела спогодба туку Боки 13.

„Мене никој никогаш не ми понуди спогодување. Никој не ми нудел такво нешто, ниту заштитен сведок”, рече Камчев.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 овој месец, Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Јовановски и Јанева.

Извор: Макфакс



Слични Објави