|

Жан Митрев нуди имот како гаранција за да му ги деблокираат сметките

Клиничката болница „Жан Митрев“ соопшти дека и денес работи со блокирани сметки и преку соопштение ја повика обвинителката да ги деблокира. Обвинителката Искра Хаџивасилева вчера го охрабри кардиохирургот да понуди гаранција за да не му бидат блокирани сметките и рече дека Обвинителството тоа ќе го земе предвид.

„Доколку обвинителката вели дека нема намера да ги блокира болницата и тековното работење, нека побара деблокирање на сметките. Клиника ‘Жан Митрев’ ќе понуди имот како гаранција“, соопшти болницата.

Од таму велат дека мерките од Кривичниот суд влијаат врз работењето на болницата, која трпи штети.

Обвинителката Хаџивасилева вчера објасни дека судот ги блокирал сметките поради најавените побарувања на оштетените пациенти. Судењето, закажано за вчера, не почна оти кардиохирургот ги сменил адвокатите, па ново рочиште беше закажано за 5 април.

Жан Митрев и неговата болница се товарат за измама оти на пациентите им претставувале дека хемофилтрацијата лекува Ковид-19. Обвинението беше поднесено по објавата на документарецот „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).



Слични Објави