|

Истрага против 32 физички и правни лица за злоупотреби при јавни набавки во прилепската болница

Основното јавно обвинителство Прилеп, постапувајќи по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 16 физички и 7 правни лица, додека уште девет лица се осомничени за дела кои се гонат во скратена постапка.

Според Обвинителството, осомничените се товарат за повеќе кривични дела, меѓу кои „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ од член 275-в, како и „Проневера во службата“ од член 354 од Кривичниот законик. Дополнително, дел од лицата се осомничени и за несовесно работење, злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела што се предмет на понатамошна истрага.

Обвинителството утврдило основано сомнение дека осомничените, како соизвршители, свесно ги повредувале прописите за јавни набавки во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, со цел за себе или за други да стекнат значителна имотна корист, предизвикувајќи значителна имотна штета на болницата. Овие наоди се потврдени и со извештај на Државниот завод за ревизија.

Меѓу осомничените се поранешната директорка, раководители и други вработени во болницата, како и управители на правни лица кои биле дел од постапките за јавни набавки. Истражните органи утврдиле дека преку постапки за сервис на моторни возила, чистење на работни простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување и реконструкција на инфективното одделение, како и преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, е предизвикана вкупна штета на буџетот на болницата „Борка Талески“ во износ од 42.726.978 денари.

Во насока на обезбедување на текот на постапката, ОЈО Прилеп до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за останатите 19 физички лица се предложени мерки на претпазливост.



Слични Објави