| |

ЖЕРНОВСКИ ЌЕ УЧЕСТВУВА НА 13-ТИОТ ДУБРОВНИК ФОРУМ 2018

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски од утре ќе учествува на тринаесеттиот традиционален Дубровник форум 2018 под наслов „Зајакнување на отпорноста Медитеран, Европа и Западен Балкан”.

На Форумот се очекува присуство на премиери, министри и заменици министри за надворешни работи од регионот, Европа и пошироко, како и претставници на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации. Заменик министерот Жерновски на маргините ќе оствари билатерални средби со повеќе претставници и учесници на Форумот. Тема на разговор ќе бидат информирање на соговорниците со новите моменти поврзани со претстојниот референдум во однос на Договорот со Грција, потврдување на поддршката која ја очекуваме од страна на нашите меѓународни партнери за нашите евро-атлантски интеграции, како и за останати актуелни теми и активностите кои ѝ претстојат на државава во насока на подготовка за почеток на пристапните преговори.

Заменик министерот Андреј Жерновски се очекува да има свое обраќање на тема, „Зајакнување на отпорноста преку справување со лажните вести и манипулација на медиумите”. Главната опасност од лажните вести е што можат да ангажираат значаен потенцијал на државната акција во интерес спротивен на јавноста, преку манипулација. Токму таквите одлуки, базирани врз манипулација со јавното мнение, можат да ја стават Република Македонија во незавиден контекст во однос на интегративните процеси. Од тие причини, Жерновски на Форумот ќе говори на оваа значајна тема, бидејќи во овој значаен период пред кој е исправена нашата земја, лажните и манипулативни вести можат сериозно да го нарушат процесот.



Слични Објави