| |

За мајките и маштеите

Пишува: Васко Цветковски

Сега, откако МПЦ ги доби на поклон на користење српските светињи (како што СПЦ тоа го дефинира во официјалните документи што се однесуваат на МПЦ во врска со последниве случувања, иако тоа е лага, и манастирите никогаш не биле имот на Печката патријаршија, ами биле имот на Охридската Архиепископија, па и во времето на нивното градење, иако биле изградени под ктиторство на српски средновековни велможи), сега да прашам, дали МПЦ ќе побара исто ваква дозвола за користење на манастирите Бигорски и Вељуса на пример од светогорските манастири, бидејќи Бигорски е метох на светогорскиот манастир Зограф, а Вељуса на Ивирон!? На територија на вардарска Македонија, која е територија на МПЦ, има голем број манастири кои биле метоси на светогорските манастири и светогорските манастири за тоа си имаат тапии. СПЦ значи без тапии ги “дава” на користење манастирите кои никогаш не биле нејзин имот, МПЦ на тоа бацува рака и на лагата и дава легитимитет, а на светогорските манастири кои имаат тапии не им се обраќаме нити со формално и братско прашање и барање. Не треба ли МПЦ да ги испочитува светогорските манастири и нивното право на вистинска сопственост, а не умишлена како онаа на СПЦ!?

Понатаму, што правиме со имотот и храмовите кои биле имот и храмови на Егзархијата!? Имотот и храмовите на Патријаршијата во ред, Фанар им ги продаде на СПЦ и ете формално правно, но и антиканоски, тие 1918 станале имот на СПЦ. Но што правиме со имотот на Егзархијата кој СПЦ од 1918 го приграбува како резултат од завршување на првата војна!? Зарем не треба МПЦ да се обрати и до БПЦ сега и да побара БПЦ да има добра волја и братски да им ги отстапи на користење храновите и имотите низ вардарска Македонија кои се со тапија сопственост на Егзархијата, ерго на БПЦ!? Да потсетам, не во секој град низ Вардарска Македонија имало патријаршиски храм и парохија, но во секој имало Егзархиски. Дали и БПЦ треба, во својот документ со кој одлучува да влезе во канонско општење со МПЦ, да вметне клаузула во која вели дека и ги отстапува на користење на МПЦ парохиските цркви и имотот во Битола, Ресен, Прилеп, Штип, Скопје и во сите останати градови!? Дали МПЦ тоа ќе го прифати со бацирака!? Дали патриотските п(о)артали тој чин ќе го остават без дигање на прашина и хистерии!?



Слични Објави