| |

„Златната книга на Софија“ ги очекува своите преведувачи

Пред почетокот на војните за национално обединување (периодот 1912-1918 г.), општинарите на бугарската престолнина решиле да ги овековечат значајните настани за градот преку книга со летописи. Наречена е „Златната книга на Софија“ и денес е меѓу највредните експонати во Музејот на Софија.

Книгата содржи повеќе од 50 страници, украсени на рабовите со златен варак, откри за Радио Бугарија историчарката Теодора Мешекова и објасни:
„Има интересна кожна облога во форма на корица. На неа има растителни геометриски елементи. На средината е поставен грбот на главниот град во неговата оригинална верзија, создаден од Харалампи Тачев. Се чува во резбана кутија. На првата страница е пораката на царот Фердинанд. Со префинет ракопис на бугарски јазик, тој ги упатува своите желби до нашиот град. Го нарекува „мудра Софија“, ги споменува нејзините природни убавини. Но, на тој прв лист, на задната страна, со многу мали букви, многу скромно е напишано името Елеонора. Нема сомнеж дека тоа е неговата втора сопруга – царицата Елеонора, позната по својата пословична скромност. Следниот лист од книгата ја содржи пораката на 32-та бугарска влада, на чело со Иван Евстатиев Гешов. Книгата продолжува со пораки, желби и поздрави на најразлични јазици од претставници на различни делегации кои доаѓаат во Бугарија на национално ниво или се гости на општината на главниот град. Тие се речиси на сите, ако не и на сите европски јазици. Има порака со хиероглифи, со арапско писмо“.

Во книгата се забележани значајни национални и општински настани. Најпознатиот градоначалник на градот, инженерот Иван Иванов, сметал дека е потребно да евидентира дека во 1937-та година ги поканил цар Борис III и принцот Кирил да се запознаат со проектот за урбанистичкиот план „Мусман“. Поради војната, планот бил замрзнат, но тој го предодредува развојот на Софија дури во годините на социјализмот. Забележана е и свечената општинска седница по повод Крајовскиот договор од 1940 година, кога Бугарија по мирен пат си ја врати Јужна Добруџа.

„За односите меѓу Германија и Бугарија сведочи информацијата за една добротворна изложба во пресрет на новата 1941 година. Интересно е што таа била во таканаречената Германско-бугарска стопанска комора и во книгата е забележано дека сите приходи од билетите за оваа изложба ќе бидат наменети за зимска помош на сиромашното софиско население. Интересен е потписот и името на познатиот трговец Стефан Чапрашиков, кој е претседател на оваа комора од бугарска страна.

За време на Втората светска војна, книгата речиси и не се пополнувала.

„Од 1945 година се возобновува пополнувањето на летописната книга – продолжува Теодора Мешекова. – Пораките и потписите се претежно од претставници на Советскиот Сојуз и делегации од поранешните социјалистички земји. Интересен момент во 1945 година е порака од Антон Југов, тогашен министер за внатрешни работи, кој давал доста опширни совети до градоначалникот и општинското раководство. Меѓу нив е и оној „цврсто да ги следат задачите на националниот фронт, да одржуваат здрав однос меѓу народот и денешните народни лидери“ и др. Можеби меѓу најинтересните личности кои ја посетуваат Софија и оставаат своја порака во книгата се советските авијатичари, космонаутите Валентина Терешкова и Алексеј Леонов. Интересно е што покрај желбите и потписите, Леонов го црта и гулабот на мирот со т.н. ѕидна круна, што ја има во грбот на Софија (круната во горниот дел на грбот, која содржи елементи од градскиот ѕид)“.

„Златната книга“ завршува во 1972 година, опфаќајќи ги настаните од две различни епохи – Третото бугарско царство и комунизмот. Од неа дознаваме дека Софија и за време на Студената војна се трудела да биде отворен град и пречекувала гости и од Запад и од таканаречениот „Трет свет“. Истражувачот на книгата Теодора Мешекова се надева дека ќе бидат прочитани сите пораки оставени на различни јазици: „Размислував евентуално да објавам фототипско издание, но има толку многу јазици што добар превод со соодветен коментар е комплициран и скап потфат“. Затоа, летописот на Софија од модерната епоха сè уште ги очекува своите преведувачи. Во моментов гостите на нашиот град продолжуваат да испраќаат пораки во нова книга – нејзините страници се веќе украсени со сребрен филигран и затоа е наречена „Сребрена книга“ на Софија.



Слични Објави