Настрадани деца од војната во Украина беа сместени во воениот рекреативен комплекс во тетевенското село Рибарица во Р. Бугарија
76 деца погодени од војната во Украина се сместени во воениот рекреативен комплекс во тетевенското село Рибарица во Бугарија, информира за БТА регионалниот гувернер на Ловеч, Светослав Славчев. Групата пристигнала со автобус, а претходно на граничниот пункт „Дунав мост“ кај Русе ја пречекале претставници на различни институции.
Децата се на возраст од 5 до 16 години, а некои од нив имаат тешки психички и физички трауми од воените операции во најжешките точки во Украина – Херсон, Славјанск, Авдеевка, Харков, Запорожје, Николаев и Доњецк. Некои од децата го загубиле едниот или и двајцата родители, други биле ранети, па ќе им треба долготрајна психолошка рехабилитација и поддршка.
Вкупно во комплексот во Рибарица се сместени околу 90 лица, меѓу нив има и девет придружници на децата. Со автомобили пристигнале и две жени со четири деца. Мајките утре заминуваат на Сончев Брег.
Автобусот со украинските деца бил придружуван од брза помош, полицајци и социјални работници. Имаше две деца со здравствени поплаки, но тие се прегледани и сега се добро, додаде регионалниот гувернер.
Директорката на Бугарскиот црвен крст (БЦК) во Ловеч Цветомира Георгиева посочи за БТА дека на групата и биле обезбедени ќебиња, храна и хигиенски пакети. Достапни се и двајца психолози. Веќе утре наутро екипа на БЦК – Ловеч ќе оди на лице место за да даде поддршка.
Треба да се направи проценка на потребите на децата за да се обезбеди здравствена и психолошка поддршка.
БТА потсетува дека во воениот рекреативен комплекс во селото Рибарица моментално престојуваат уште 130 украински државјани.