Знамето на „Голема Албанија“ не е добро ни за Албанците, ни за Македонците, вели Груби
„На вчерашниот настан видовме непотребна иконографија која нема за цел да донесе добро ни за Албанците ниту за Македoнците, особено не е добар кога во државата доаѓа висок гостин од Стејт Департментот за да ни даде поддршка за европската интеграција на земјата“, порача вицепремиерот Артан Груби.
Тој коментирајќи го вчерашниот инцидент во Тетово каде повторно се вееше знаме на т.н „голема Албанија“ посочи дека не треба да се прави дефокус од важните работи во државата.
„Тоа се мали партии со големи комплекси, јас се надевам дека никој од нас, ниту граѓаните ниту институциите, ниту медиумите нема да им дадат можност преку мали гестови да стануваат големи партии. Ваквии настани не ни се потребни посебно не кога во нашата држава пристига висок гостин од Стејт департментот да ни даде поддршка за европска интеграција на земјата, а ние да предизвикаме вакво нешто, да ја дефокусираме јавоста, тој настан, тој вокабулар е само за самофакторизирање и служи на некои агенди кои не и го сакаат доброто ниту на Македонија, ниту на Албанците, ниту на кој било друг и затоа сметам дека треба да ги игнорираме како маргинални фактори во општеството и непотребни инциденти кои се апсоултно провокација за европскиот пат на нашата земја“, заклучува тој.