ЗНМ: Скопски Граѓански и Апелациски суд да не лиценцираат новинари и медиуми
Здружението на новинари на Македонија изразува незадоволство од начинот како Граѓанскиот суд во Скопје и Апелацискиот суд во Скопје, го применуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. И покрај јасната одредба во законот, кој ја регулира одговорноста на електронските публикации, овие судови продолжуваат да ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите со крајно несериозно и тенденциозно објаснување дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не биле новинари. Ваквото паушално, неодговорно и непрофесионално однесување на одредени судии претставува заобиколен обид за лиценцирање на медиуми и новинари, која е крајно недемократска практика присутна во авторитарни земји.
Потенцираме дека работа на судовите не е да ги толкуваат законите, туку доследно и неселективно да ги применуваат истите.
Се сомневаме дека зад ваквата судска пракса на Граѓанскиот суд во Скопје и на Апелацискиот суд, има политичка позадина, која треба да ги дискредитира онлајн медиумите и да обезбеди лажно алиби на владата за да воведе нивна построга регулација, спротивно на европските стандарди за слобода на интернет. Предупредуваме дека обидите на одредени партиски кругови, кои бараат наводна законска регистрација на овие медиуми, е опасна политичка игра, која има за цел државата да ја контролира нивната медиумска содржина.
Освен тоа, намерата на судот е да ги спречи онлајн медиумите и новинарите кои работат таму да ги користат поволностите што ги нуди законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како што е ограничувањето на надоместоците за нематеријална штета и основите за нивно исклучување од одговорност.
Убедени сме дека ваквата чудна судска пракса, која за среќа ја нема и во другите Апелациски судови во земјата, ја загрозува слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија и улогата на медиумите во едно демократско општество.
Бараме од Врховниот суд на Македонија во најкраток рок да постапи по барањето на ЗНМ за усогласување на судската пракса и во иднина Граѓанскиот суд и Скопска Апелација да ги процесуираат предметите.
Неделава ќе доставиме претставка и до Судскиот совет за сите судии што несоодветно и селективно го применуваат Законот со цел да утврди одговорност за таквото незаконско однесување.
Ја повикуваме и меѓународната заедница, Европската Унија, САД, ОБСЕ и Советот на Европа да ја споделат со овие судови нашата загриженост со цел да се спречи ваквиот атак против слободата на говорот, професионалните онлajн медиуми и обидот за нивно лиценцирање.