11 ОКТОМВРИ НА ПАТЕРИЦИ- ЗА ДВЕ ЧЕРВЕНИ…
Скопје 12 октомври 6:46 ч. Македонија.
Бугарите освен татари се и окупатори и тоа не обични окупатори, туку фашистички јасно ми е, но нема да пишувам за тоа. Тоа се ноторни факти во главите на исплашените за својот идентитет Македонци. Пошо идентитетот не е лична работа, туку треба некој да ти го признае нели?
Долгогодишниот процес на садење патолошка омраза на едни луѓе кон други луѓе, на едно прекрасно место какво што е Македонија е кон својот крај. Од чисто биолошки причини пред се.
Патриотизмот на еден народ не би требало да се гради на база на омраза кон друг, но ете за некои луѓе тоа не е така. Супер. Слободата го подразбира и тоа.
Никој не може да ни каже колку точно баби се силувани од лошите бугарски фашистички окупатори, но историјата молчи и за друго: Колку точно „червени“ се инвестирани во платената љубов меѓу државјаните на богатата Југославија и државјанките на бедната Бугарија во блиското комунистичко минато, што беше светло за некои ?
Не верувам дека тоа прашање ќе се отвори на некој од состаноците на фамозната мешовита комисија за историја. Таа сега го решава Гоце. Ги тресе неговите коски, за да разбере галиба, тие коски бугарски се или македонски. Дека се херојски сите знаеме и дека не ги оставаме да почиваат во мир исто така.
Кога веќе го спомнав Гоце, знае ли некој за колку „червени“ поетот Јаворов дојде од Софија да се бори за слободата на Македонија? Колку ли „червени“ му биле платени на овој романтичар за да ги напушти удобствата на поетска Софија и да заака по баирите на поробена Македонија? Ало, комисијата, зуцнете нешто за тоа!
Македонија не го заслужува тоа. Не знам колку сте свесни, но Македонија не заслужува љубовта кон неа, да се манифестира преку омраза. Дебилно е, не е патриотски.
И да…
Филмот со омразата го наметнаа подоцна, оти, ако омразата навистина постоеше претходно, во „Прохор Пчињски“ немаше да се пее химна напишана од офицер на омразна окупаторска армија и нарачана од македонски крвник.
Таа вештачка омраза никогаш нема да фати корен. Еден од најголемите докази за тоа, колку и да ви изгледа смешно, е шокот кај Македонците, кога ќе си нарачат ќебапи во Бугарија. О Боже, па ние сме речиси исти, а ќебапите ни се различни, како е можно тоа? Тоа го читам меѓу редови од стотиците приказни за бугарските ќебапи што сум ги чул од мои пријатели Македонци. Даа, бугарските ќебапи се подолги и во смесата се става ким. Еби му мајката тоа е. Не може сѐ да биде речиси исто. Не може, оти нема да е интересно.
Не може и Бугари и Македонци да занемуваат на ист начин кога ќе слушнат песна на Васка Илиева додека ги јадат ќебапите во кафеана. За да биде интересно, барем ќебапите нека бидат различни.
Се извинувам, а колку червени требаат за три бугарски ќебапчиња со гарнир?
Уште милион пати да ја слушнам таа сторија нема да ми стане досадна.
Затоа драги мои, колку и да ви изгледа смешно, плитко, дебилно итн, Македонците и Бугарите никогаш нема да се мразат толку силно, како што едни други посакаа и сѐ уште сакаат. Тоа не е лажен оптимизам. Не! Како што пее Едо Маајка во една негова песна „Не е битна идеологија, битна е биологија“, баш поради фактот што идеологиите се менуваат многу побрзо од биологијата.
Денеска на 12 октомври прашувам: Колку червени требаат за да започнеме да градиме мостови?
За тоа не ни треба ЕУ, што знаат Французи и Германци што е тоа патолошка љубов кон ближниот. Те зрачат цел живот колку лош е некој, а кога ќе ти стане тесно му се јавуваш или трчаш прво кај него… Ти пропаѓа востание, ајде во Бугарија, македонските политичари и ебаа мајката на Македонија, Бугарија пак е тука со пасошите… Ти прават обид за државен удар, му вртиш на бате Бојко.
Зората на свободата одамна изгреа драги мои… Другите нешта се нијанси.
Автор: Атанас Величков
