| |

ЈА ЧЕКАМ И ГРУПАТА НА КРСТО ДА КАЖЕ ДАЛИ ЌЕ СЕ ОТКАЖЕ ОД ОШТЕТАТА ЗА 27-МИ

Откако колегите од А1Он објавија дека помилуваните за настаните од 27 април 2017 г. побарале приближно 2 милиони евра за да си ги покријат трошоците за адвокати, двајца од инволвираните, актерот Владо Јовановски и не знам што е по професија Богдан Илиевски информираа преку своите facebook профили дека НЕ БАРААТ никаква оштета од државата.

Актерот Јовановски во свој стил што наликува на поезија истакна дека доволно „добил“ од државата Северна Македонија и нема намера да бара уште. Бетмен пак демек во два реда ќе објаснеше, ама верен на својот стил напиша текст со големина половина word документ, за да ни каже дека не барал, не сака, ама ако му дадат оштета ќе ја подели на фамилиите на осудените за 27 април. Фино. Сепак Бетмен макар и да ја посети Шутка на одредено време, го извлече потенкиот крај.

Сосема друга е приказната со осудените. Дали забележувате дека тие веќе не пишуваат отворени писма и повици до членовите на ДПМНЕ. Но не губете надеж, ќе почнат пак, ако Брисел не ни даде датум за преговори, а курназ зајченцето миличко-зајченцето сивичко си поднесе оставка и дојдат избори. Тогаш на сцена ќе стапи Мицко војвода и… ќе се појави некој нов Крсто, што треба да помине меѓу капките за да може Македонија да оди напред, а обичните викачи и галамџии ќе го јадат… не ми верувате? Ќе видите и сами.

Кога веќе го спомнав Крсто, морам да напоменам дека ја чекам неговата група исто така да се откаже од оштетата. Не дека не им следува, ама така би било морално. Сите знаеме каква неправда беше донесена преку судските одлуки за 27-ми, само и само за да се смени Уставот на земјата и да се промени името на истата. Токму затоа чекам да видам барем малку морал од тие „избраните“ што си ги извлекоа задните делови на телото.

Додека чекам ќе фаќам сеир со статусите на Груевски и неговата оставка на унгарски…

Договорени се со Заев, азилантот да прави циркуси, додека премиерот се чуди во која официјална делегација да ја вклучи Мира Дизел, оти малку и беше „шетањето“ низ Македонија.

Јас не губам надеж, ќе го дочекам моралот, сепак сите го дочекавме отворањето на автопатот Миладиновци-Штип нели? Да, немаше ора и чочеци ама го отворија, речиси после година од завршувањето.

Еве например и мерцедесот што требаше да го шитнат ќе си дочека нови гуми, ама кога 12-те нови амбулантни возила за Скопје, Кичево, Крива Паланка, Берово, Струга и Дебар ќе добијат опрема и документи за регистрација не знаеме. Ако, ќе си почекаме, ќе видиме, барем на тоа сме научени.

Автор: Атанас Величков

Слични Објави